Утрински Весник
Македонија

Ни ветија два милиони денари за спомен-обележјето, а сега сами собираме средства велат родителите од Кочани

Img 8865.jpeg

Проектот за спомен-обележјето посветено на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ е готов, а семејствата сè уште собираат пари за неговата изградба. Александар Наунов и Томче Стојанов во „Ноќно студио“ на 4ТВ побараа Општина Кочани да се изјасни дали ќе ги обезбеди двата милиони денари што, според нив, претходно им биле ветени.

Обележјето е предвидено на централна локација во Кочани која, како што велат родителите, имала посебно значење за младите што го загубија животот во пожарот.


„Проектот е направен, навистина е убав, и сега останува да ги собереме средствата за да направиме спомен-обележје какво што тие деца заслужуваат“, рекоа Наунов и Стојанов.

Според нив, од Општината прво добиле информација дека парите се обезбедени. Потоа им било кажано дека средствата биле потрошени или пренаменети, а подоцна повторно им било најавено дека ќе бидат обезбедени. По тие најави, родителите побараа конкретен одговор од општинските власти.

„Доста е со тоа ‘ќе биде’, ‘ќе помогнеме’. Тоа што ни е ветено, нека се исполни. Нека кажат дали можат или не можат“, порачаа тие.

Во меѓувреме, здружението на семејствата собира донации за изградбата. Податоците за донирање се објавени на фејсбук-страницата на здружението.

Во емисијата Наунов и Стојанов зборуваа и за потребата од долгорочна психолошка поддршка за семејствата. Тие им се заблагодарија на стручните лица што редовно им помагаат и нагласија дека таквата помош ќе им биде потребна и во наредните години.

За семејствата, спомен-обележјето треба да го зачува сеќавањето на загинатите и да потсетува на последиците од институционалните пропусти за кои тие бараат одговорност.

„Тоа треба да биде потсетник за трагедијата, за нашите деца никогаш да не бидат заборавени и никогаш повеќе да не се повтори нешто вакво“, порачаа родителите.

Можете да прочитате

Превентивни активности на СВР Тетово за незаконита сеча на дрва

Мицкоски најави поевтини станови за млади брачни парови и повеќе пари за студентски оброк

Тешко повредена жена од Кривопаланечко, пријавила дека ја претепале поранешните сопственици на кравите