Утрински Весник
Македонија

Нема ризик за безбедноста, државата е во сигурни раце, вели Мицкоски

Mickoski 31.10.2024 1.jpg

Не постои никаков ризик за безбедноста, за безбедноста на државата. Државата е во сигурни раце, се води сметка да нема би рекол дополнителни изненадувања, да нема никакви изненадувања, коишто би можеле да ја нарушат безбедноста на една суверена, европска демократска држава, каква што е нашата држава во 21 век, истакна претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој денеска одговараше на пратеничките прашања поставени од пратеникот, Блерим Беџети од Европскиот фронт.

Премиерот, Мицкоски истакна дека оваа Влада, во којашто се коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ, коалицијата ВРЕДИ или ВЛЕН, политичката партија ЗНАМ се грижи за безбедноста на целата територија, како и за сите граѓани без разлика од тоа дали се дел од политичкиот живот или не се дел од него, како и без разлика на етничките и верски различности.


-Наша основна задача е да обезбедиме функционирање на системот, нешто што за жал не беше нормално за претходната Влада и да обезбедиме уставно загарантирано право на целата територија, за сите граѓани на целата територија на Македонија, одговори премиерот Мицкоски.

Тој посочи дека целта на оваа Влада е да се вратат младите, но и сите оние кои се иселелиле од своите домови и од Кичевско, Струмичко, Штипско, како и да се испорача она што им е ветено на граѓаните на изборите,а не на неколкумина, какошто претходно се правело.

Пратеникот Беџети рече дека не е задоволен од одговорот, бидејќи очекувал да слушне одговор за дали ќе се повлече иницијативата на Уставниот суд за Законот за јазиците. Забележа дека е жешка тема и какошто рече „под ова подразбирам дека вие како ВМРО ДПМНЕ немате намера да ја отргнете иницијативата пред Уставниот суд“.

Третото прашање на пратеникот Беџети беше насочено кон Министерот за јавна администрација, Горан Минчев за алатката балансер, која е укината во текот на оваа година, со што според пратеникот се задоволувала правичност во вработувањето на Албанците.

Министерот за јавна администрација, Минчев во својот одговор посочи дека апсолутно го разбира пратеникот Беџети, зошто ја отвара оваа тема, бидејќи како што рече неговата политичка партија ДУИ има слободен пад на рејтингот. Минчев истакна дека оваа алатка во изминатите години била злоупотребена, а посочи и конкретни примери. Забележа дека балансерот е дигитална алатка, која е воведена во 2015 година, како производ на Охридскиот рамковен договор, а во функција беше до 2024 година, а со одлуката на Уставниот суд или со замрзнување на една од одредбите за Законот за вработени во јавниот сектор оваа алатка се укина.

-Слушајте ме убаво, Фатмир е убаво македонско име, Исмет е убаво македонско име, Ангеле е убаво албанско име, Стојан е добро турско име, Зоран е добро бошњачко име. Ова се еклатантни примери, со факти, за злоупотреба на алатката балансер. Но, исто така беше злоупотребен и процентот, којшто беше во рамки на оваа дигитална алатка на етничката застапеност на одредени етнички заедници и тоа ние како министерство и јас како министер го поправивме, вели Минчев.

Тој во својот одговор истакна дека се работи на ново законско решение, а на него работи експертска група, која откако ќе го изготви ќе се достави до сите политички чинители во државата. Минчев истакна дека новиот Закон треба да опстои долгорочно и веќе да не се прават злоупотреби.

Можете да прочитате

Презентација на постер насловен „Зборуе Радио Скопје“ за 80-годишнината на Македонското радио

Забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патот Тетово – Попова Шапка, непрооден дел од патот кон ГП Голема Црцорија – Голеш

Здравствените работници со препораки пред празниците: Умерено со алкохолот, воздржување од пиротехнички средства