Утрински Весник
Македонија

Амандманска расправа по предлог-законите за судска служба и за јавнообвинителска служба

Sud.jpg

Во Собранието денеска ќе заседава Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на чиј дневен ред е амандманска расправа по Предлог на законот за судска служба и Предлог на законот за јавнообвинителска служба, и двата во второ читање.

За Предлог-законот за судска служба поднесени се над 100 амандмани од пратеничките групи на СДСМ, Европски фронт и Левица, а за јавнообвинителска служба 27 амандмани од пратеничката група на СДСМ.


Пратеничката група на СДСМ и коалицијата, вчера преку соопштение, информира дека поднеле 82 амандмани на двата предлог закони, со став дека тие ја загрозуваат независноста на судството и ја влошуваат положбата на вработените во правосудниот систем.

-Пратеничката група на СДСМ и коалицијата по темелна анализа и врз основа на директните забелешки и предлози од синдикатите и претставниците на судската и јавнообвинителската служба, поднесе вкупно 82 амандмани на предложените законски решенија за судската и јавнообвинителската служба. Од нив, 55 амандмани се однесуваат на Законот за судска служба, 27 на Законот за јавнообвинителска служба, а дополнително 19 амандмани ќе бидат поднесени како комисиски амандмани, стои во соопштението

Заменик-министерот за правда, Ален Деребан во образложението потенцира дека Предлог-законите за судска служба и за јавнообвинителска служба се резултат на повеќегодишна работа, широк и инклузивен консултативен процес, како и усогласување со актуелната законска рамка и реформските приоритети на државата. Посочува дека работната група ги изработила текстовите на законите пред една година, по што биле објавени на ЕНЕР на јавна консултација. Toj кажа дека при тоа биле доставени бројни забелешки и предлози од релевантни институции, стручната јавност и засегнатите страни, кои биле внимателно разгледани и соодветно вградени во нацрт-текстовите.

-Во меѓувреме беше донесен новиот Закон за административни службеници, а беа склучени и колективни договори за вработените во судовите и јавните обвинителства. Поради овие новонастанати околности беше неопходно дополнително усогласување на законските решенија. Како системски закон, Законот за административни службеници веќе го уредува статусот на дел од судските и јавнообвинителските службеници кои непосредно работат на предмети, поради што новите закони се усогласени со оваа правна рамка. Особено значајно е што во двата закона е изрично утврдено дека ниту едно стекнато право на постојните вработени не се губи. Напротив, сите права остануваат целосно заштитени, со што се обезбедува правна сигурност и институционален континуитет – рече Деребан.

Во делот на платите, како што нагласи Деребан, една од клучните цели на реформската агенда била унапредување на материјалниот статус на судските и јавнообвинителските службеници. Оваа цел, како што рече, веќе е реализирана преку колективните договори, а нивните решенија се инкорпорирани и во законските одредби.

-Новите законски решенија воспоставуваат посебен и современ систем за судската и јавнообвинителската служба, прилагоден на нивната специфична улога во правосудниот систем. Се воведуваат јасни, транспарентни и мерит-базирани правила за вработување, унапредување, оценување и мобилност, врз основа на однапред утврдени и објективни критериуми. Истовремено се зајакнува институционалната функционалност преку поефикасно управување со човечките ресурси и намалување на административните пречки. Законите предвидуваат и современи механизми за задржување и мотивација на стручниот кадар, вклучително преку додатоци на плата, наградување за исклучителни резултати и унапредени можности за професионален развој – нагласи Деребан.

Со овие законски решенија се исполнуваат обврските од Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, се зајакнуваат капацитетите на правосудните институции и се создаваат предуслови за поефикасен, понезависен и поквалитетен правосуден систем во интерес на граѓаните.

Предлог-законите за судска служба и за јавнообвинителска служба се и на денешната седница на собраниската Законодавно-правна комисија.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска по редовната координација со координаторите на пратеничките групи, ќе одржи неформална средба со собраниските известувачи, на која ќе информира за тековните активности во законодавниот дом.

Можете да прочитате

Екс премиерот Ковачевски стана претседател на невладина организација РЕФОРМ 5, првиот настан ќе го одржи денеска

2 години Влада – од 1198, резултатот на остварените ветувања на Мицкоски е НУЛА, велат од СДСМ

Пет лица повредени во сообраќајка на три возила на патот Прилеп – Битола