„Патувачкиот циркус на Володимир Зеленски“, како што неодамна ја нарекоа дипломатската турнеја на украинскиот претседател во Европа, наскоро ќе пристигне во Азија, на самитот на Г-7, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Лидерот на Украинците, за кој првично беше најавено дека виртуелно ќе им се обрати на учесниците на самитот сепак лично ќе присуствува на собирот во Јапонија.
Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексеј Данилов, потврди дека Зеленски ќе присуствува на самитот.
„Сигурни сме дека нашиот претседател ќе биде таму каде што ѝ треба на Украина, во кој било дел од светот, за да го реши прашањето за стабилноста на нашата земја. Таму ќе се решаваат многу важни работи, така што физичкото присуство е клучно за одбрана на нашите интереси“, истакна Данилов за „Јуроњуз“.
Се очекува Зеленски да учествува на средбите во Хирошима в недела.
„Неговото неочекувано присуство има за цел да ја зајакне поддршката на Западот за Украина, бидејќи војната со Русија се приближува кон својот шеснаесетти месец. Тој ќе се обиде да обезбеди поддршка од учесниците кои не се членки на Г-7, како што се Индија и Бразил, кои не му се придружија на Западот во казнувањето на Москва“, пишува „Фајненшл тајмс“.
Индија и Бразил, инаку, не се членки на Г-7 туку се дел од БРИКС заедно со Русија, но учествуваат на самитот на покана на организаторите.
Според „Фајненшл тајмс“, присуството на Зеленски би можело да ги искомплицира напорите на јапонскиот премиер Фуми Кишида да се погрижи самитот – кој првпат по седум години се одржува во Азија – да не се фокусира само на војната во Украина.
Имено, Кашида сака собирот да се фокусира на безбедносните прашања во Индо-пацифичкиот регион, но и на пристапот кон земјите во развој. И САД во овој момент повеќе би сакале да зборуваат за Индо-Пацификот и да работат на креирање унифициран пристап кон Кина.
Знаејќи, сепак, дека Зеленски го поминува секој момент на сите свои патувања од Америка до Европа, во барање повеќе пари и оружје, јасно е дека неговите сојузници во Азија нема да ја имаат агендата што ја замислиле.
Кишида првпат го посети Киев во март за официјално да го покани Зеленски да присуствува на самитот во Хирошима, што беше единствена посета на јапонскиот лидер на воената зона.
Портпаролот на јапонската влада сепак не потврди дали Зеленски лично ќе се појави во Хирошима, но ги повтори претходните изјави дека се очекува тој да се вклучи на настанот преку видео конференција.
Претходните планови за патување на Зеленски се чуваа во тајност до последен момент, од безбедносни причини.
Украинскиот претседател не бил во Азија од почетокот на војната, но патуваше во смногуите други земји – токму неделава оствари ненајавени посети на Велика Британија, Италија и Германија.