Утрински Весник
Свет

Наскоро е можна воена операција на Иран врз Израел

Izrael Iran.webp.webp
Img 5587

Откако на 1 април беше нападнат Конзулатот на Иран во Сирија, при што загинаа најмалку 13 лица, меѓу кои седуммина високи членови на Иранската револуционерна гарда, не престануваат обвинувањата и заканите од Техеран кон Израел.

Иран за нападот го обвинува Израел и вети дека ќе возврати за смртоносниот напад, но Ерусалим не го коментираше инцидентот.

Img 5587

Претседателот на САД, Џо Бајден синоќа изјави дека наскоро очекува Иран да преземе воена акција против Израел.

– Не сакам да давам доверливи информации, но очекувам тоа да биде наскоро, истакна Бајден.

Тој одговарајќи на новинарско прашање што би му порачал на Техеран, истакна „немојте“.

Бајден потенцира дека САД ќе му помогне на Израел да се одбрани и оти Иран ќе изгуби.

Претходно, британското Министерство за надворешни работи ги советуваше своите граѓани да не патуваат во окупираниот Западен Брег и Појасот Газа и некои делови на Израел поради „можен ирански напад“.

Ова предупредување на Министерството, вклучува препорака да не се патува на либанско-сириската граница во северен Израел, регионот околу Појасот Газа и окупираниот палестински Западен Брег и Газа, како и во Источен Ерусалим и автопатот меѓу Ерусалим и Тел Авив. Во предупредувањето се истакнува дека влегувањето во Газа по море, дури и со флота хуманитарна помош, носи ризици и дека постои можност Иран да изврши напад врз Израел.

И Германија и Австрија им препорачаа на своите државјани да го напуштат Иран поради ескалација на тензиите помеѓу Иран и Израел.

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ и нејзината австриска подружница „Аустриан ерлајнс“ синоќа објавија дека ги прекинуваат летовите до и од Техеран до 18 април и додадоа дека повеќе не го користат иранскиот воздушен простор поради тензиите на Блискиот Исток.

Шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани синоќа телефонски разговараше со неговиот ирански колега Хосеин Амир Абдолахиан поради зголемените тензии на Блискиот Исток по нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск.

Тајани упати „силен апел“ до Иран на воздржаност, нагласувајќи дека одмаздата против Израел ќе предизвика контрареакција од еврејската држава. А тоа може да предизвика уште поширок и поопасен конфликт за сите земји во регионот.

Од почетокот на војната во Газа, Израел ги интензивираше нападите врз сојузниците на Техеран во Либан и Сирија. Иран, Сирија и Русија го обвинуваат Израел за нападот.

Непријателствата помеѓу Иран и Израел траат со децении. Техеран го оспорува правото на Израел да постои и се заканува дека ќе го уништи „ционистичкиот режим“. Иран за Израел е главен непријател.

Иран ги поддржува и Хутите во Јемен кои од почетокот на војната во Појасот Газа ги напаѓаат израелските, американските и бродовите на други држави во Црвено Море, со цел да се стави крај на израелските напади врз енклавата. Поради континуираните напади на Хутите, големите бродски компании сè повеќе ја избегнуваат најкратката поморска рута меѓу Азија и Европа. Неколку западни земји, вклучително и САД и Велика Британија, почнаа операции за заштита на бродовите во регионот како одговор на нападите на Хутите. Европска Унија, исто така, почна воена операција за обезбедување на трговските бродови во Црвено Море.

Ss1

Можете да прочитате

Гутереш: Израелската офанзива во Рафа би била неподнослива ескалација на ситуацијата

Меѓународниот суд на правдата во Хаг одби да и нареди на Германија да ја стопира воената и друга помош за Израел

Трамп казнет со 9.000 долари поради коментирање сведоци во текот на судењето