Утрински Весник
Свет

Напади со беспилотни летала во руски Белгород, експлозии, луѓе кои бегаат – Гувернерот со порака: „Не се враќајте“

Напади со беспилотни летала во руски Белгород, експлозии, луѓе кои бегаат – Гувернерот со порака: „Не се враќајте“

Гувернерот на руската област Белгород утринава изјави дека во регионот е во тек „антитерористичка операција“ и дека Министерството за одбрана и безбедносните служби се уште ја „чистат“ територијата на границата со Украина.

dobivaj vesti na viber

„Во врска со ситуацијата, чистењето на териториите што го спроведува Министерството за одбрана со безбедносните служби сè уште трае“, рече гувернерот Вјачеслав Гладков на „Телеграм“.

„Апелирам до граѓаните на областа Грајворон, кои привремено ги напуштија своите домови: враќањето сè уште не е можно“, додаде тој. Гладков рече дека една жена била убиена за време на евакуацијата во понеделникот, а две лица наводно биле ранети, но руските безбедносни сили не можеле да дојдат до нив, според локалните медиуми.

„Двојката е пренесена во градската болница. Жената има рани од шрапнели на долните екстремитети, состојбата на трауматски шок е тешка. Мажот има рани во пределот на стомакот. Тие сега се на Итната помош под строг надзор на лекарите. Им е укажана сета неопходна лекарска помош“, соопшти утрово Гладков.

Гувернерот објави дека Белгород во текот на ноќта бил нападнат со беспилотни летала. Во серијата објави на „Телеграм“ доцна вчера и рано утринава, Гладков рече дека две куќи биле погодени со беспилотни летала во градот Граиворон – местото на претходниот напад за кој одговорноста ја преземаа проукраински руски доброволци.

„Куќите се запалија откако експлозивните направи беа фрлени од беспилотното летало“, рече Гладков. Тој додаде дека во два одвоени напади од дронови биле фрлени експлозивни направи врз управната зграда и куќа во селото Борисовка. Тој рече дека нема пријавени жртви во ниту еден инцидент со дронови.

Засега никој не ја презеде одговорноста за наводните напади со беспилотни летала. Претходно вчера Гладков изјави дека повеќето жители на Грајворон биле евакуирани од градот, откако осум лица биле повредени во напад на „диверзантска група“ поврзана со украинската војска.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека претседателот Владимир Путин е информиран и дека се работи на протерување на „саботерите“, пренесе државната новинска агенција „РИА Новости“.

Синоќа во Белгород одекна силна експлозија, а наводно е оштетена и канцеларијата на руската Федерална служба за безбедност, јавија локалните медиуми.

Руските власти итно го евакуираа складиштето за нуклеарна муниција Белгород-22 во регионот Белгород, кој граничи со Украина, тврди Андриј Јусов, портпарол на Главната разузнавачка управа на украинското Министерство за одбрана (ГУР).

„Итно се евакуира и објектот Белгород-22 – складиште за нуклеарна муниција. Не е далеку од Грајворон“, рече Јусов. Тој нагласи дека на тоа место се складира дел од руската нуклеарна муниција.

Можете да прочитате

Портпаролот на терористичката „ИД“ го пофали нападот што го изврши во концертна сала во московскиот регион

Трагедија во Јужна Африка: 45 лица загинаа во автобуска несреќа

Илјадници налози на Телеграм блокирани поради повици на терористички напади