СДСМ е стабилизирана и активна на политичкиот простор, изјави денеска на првиот брифинг со новинари, претседателот на опозициската партија Венко Филипче.
На прашање кога може да се очекува ново раководство на партијата, Филипче наброја неколку чекори до финализирањето на највисоките партиски органи.
„Наша цел е да се формираат работни групи во кои ќе членуваат не само официјалните во моментот општински раководства туку и овие луѓе коишто на некој начин се тргнати на страна и во рамките на тие групи да почне и формалниот процес на општински конференции во кои ќе започне и изборот на нови делегати на Конгресот. Имајќи предвид дека мандатот на овие делегати истекува на крајот на септември, а целта е крајот на септември и почетокот на октомври со се ова што го правиме сега да се конституира новиот Конгрес со новите делегати којшто ќе го избере Централниот одбор кој понатаму ќе го избере и новото раководство на партијата. До тогаш целиот процес ќе го водат работните групи“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ рече дека тој во овој период е фокусиран на средби со членството, со претседатели на општински организации, пратеници…и најави целосно нова стратегија на дејствување на партијата.
„Почнуваме подготовка на целосно нова стратегија, односно таканаречен „Блупринт за социјадемократија“ Овој документ ќе биде новата идеолошка и политичка стратегија за ребрендирање и модернизација на СДСМ“ најави Филипче на брифингот.
Филипче стана шестиот претседател на СДСМ, откако кон крајот на јуни победи на внатрепартиските избори.