Утрински Весник
Македонија

Алиу за реконструкцијата на Владата: Не се грижам колку ќе бидам министер, туку што ќе оставам зад себе

Img 7449.jpeg

Министерот за здравство Азир Алиу во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ се осврна на најавената реконструкција на Владата и можноста промените да го опфатат и Министерството за здравство. Тој порача дека политичките функции се минливи и дека неговиот фокус отсекогаш бил насочен кон резултатите, а не кон времетраењето на мандатот.

Алиу, кој една година и една недела ја извршува функцијата министер за здравство, истакна дека здравството е еден од најчувствителните ресори, каде секојдневно се носат тешки одлуки и се решаваат проблеми од кои зависат човечки животи.


„Здравството е исклучително сензитивен сектор. Секојдневно се соочуваме со разни, честопати тажни приказни, но и со лажни вести од различни, вклучително и политички причини. Од првиот ден размислувам на ист начин – не треба да се грижам колку долго ќе бидам министер, туку што ќе направам додека сум на оваа позиција. Функциите се менливи. Мојот пристап е да решам барем еден проблем повеќе во денот“, изјави Алиу.

Тој нагласи дека Министерството за здравство е сложен систем со голем број здравствени установи, вработени и пациенти, поради што секој проблем заслужува подеднакво внимание, без разлика дали станува збор за крупни системски прашања или за секојдневни предизвици.

Осврнувајќи се на најавената владина реконструкција, Алиу рече дека тоа е политички процес кој не зависи од поединечните министри, туку од пошироките политички проценки и потребата за подобрување на политичката клима.

„Реконструкцијата е политички процес чија цел е подобрување на политичката клима во државата. Во тој контекст се оценуваат капацитетите на министерот, на институцијата и промените што се прават. Од таа гледна точка, јас сум задоволен од она што го постигнавме во овој период од една година и една недела“, рече министерот.

Алиу порача дека неговата амбиција не е поврзана со останување на функцијата, туку со создавање стабилен и одржлив систем кој ќе продолжи да функционира и по евентуална промена на раководството.

„Ако го задржам мандатот и ја имам честа да ја водам институцијата, ќе продолжам со истиот ентузијазам и енергија. Ако не, верувам дека воспоставивме систем кој тој што ќе дојде по мене нема да може да го врати назад. Нормално е секој нов министер да дојде со свои приоритети, но клучните столбови на институцијата сега се поставени и тие не можат да се уназадат“, заклучи Алиу.

Можете да прочитате

Алиу: Нема повеќе специјализации по желба на директори и родители

Алиу најави револуција во Итната помош: 100 нови возила, централен систем и лекарска асистенција во живо

Алиу: Секој граѓанин ќе може однапред да одлучи дали ќе биде донор на органи – Јас прв ќе се пријавам за донор