Утрински Весник
Македонија

Муцунски во Доха: Потврдена заедничката определба за продлабочување на политичката и економската соработка меѓу Македонија и Катар

Img 8633.jpeg

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на дводневната посета на Државата Катар, денеска оствари средба со претседателот на Владата и министер за надворешни работи, шеикот Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани.

Во разговорите со претседателот на Владата беше потврдено одличното ниво на билатералните односи и беше реафирмирана заедничката определба за нивно понатамошно унапредување. Посебен акцент беше ставен на продлабочувањето на политичкиот дијалог, како и на економската и инвестициската соработка, како значајни сегменти од идните односи меѓу двете држави.


Соговорниците разменија мислења и за актуелните регионални и меѓународни прашања, со фокус на состојбите на Блискиот Исток, пошироката меѓународна безбедносна средина и можностите за поинтензивна соработка во рамки на мултилатералните организации.

За време на средбата беше нагласено дека посетата ќе даде нов импулс на севкупната билатерална соработка и ќе отвори дополнителни можности за реализација на заеднички иницијативи.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски оствари и средба со државниот министер за надворешни работи, Султан бин Саад Ал-Мураичи. По средбата беа потпишани Договорот меѓу владите на двете земји за ослободување од визи за носителите на дипломатски, службени и специјални пасоши, Меморандумот за воспоставување политички консултации и Меморандумот за соработка во областа на дипломатската едукација.

Со потпишувањето на овие документи беше поставена дополнителна институционална основа за натамошно унапредување на политичките односи и за зајакнување на соработката во областите од заемен интерес.

Можете да прочитате

ЗНАМ предлага измени на Законот за семејството за пристап на посвоените лица до информации за своето потекло

Спасовски до Хоџа: До каде е регионалната депонија и кој ќе одговара за ископот на песок во кумановскиот регион

Апасиев кон Мицкоски: Дали државата ја водите како премиер или како менаџер на фамилијарниот бизнис