Утрински Весник
Македонија

Муцунски: Надворешната политика не смее да биде предмет на дневнополитички пресметки

Image 2026 04 27 .jpeg

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес се обрати пред собраниската Комисија за надворешни работи, истакнувајќи дека надворешната политика не смее да биде предмет на дневнополитички пресметки, туку мора да претставува јасна државна линија заснована на најширок можен политички консензус.

Во своето обраќање, министерот нагласи дека во периодот 2024–2026 е направена суштинска трансформација на македонската дипломатија – од реактивен и фрагментиран пристап кон координиран, интегриран и резултатски ориентиран систем. Со преземањето на надлежностите за надворешна трговија, Министерството прераснува во централен столб на меѓународниот настап на државата, кој ги обединува политичките и економските интереси.


Посебен акцент беше ставен на економската дипломатија, како клучна алатка за привлекување инвестиции, отворање нови пазари и зајакнување на економската стабилност, со цел надворешната политика да носи конкретни резултати за граѓаните.

Во делот на европската интеграција, Муцунски ја потврди стратешката определба за членство во Европската Унија, нагласувајќи дека процесот мора да се темели на заслуги, јасни критериуми и предвидливост, како и да носи реални придобивки за граѓаните.

Тој посочи дека државата останува целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и дека членството во НАТО останува клучен столб на националната безбедност.

Министерот се осврна и на продлабочувањето на стратешките партнерства, вклучително со Обединетото Кралство, Унгарија и Соединетите Американски Држави, при што беа потенцирани конкретни резултати во енергетиката, инвестициите и безбедноста.

Во регионален и мултилатерален контекст, беше истакната посветеноста на Северна Македонија на дијалог, соработка и активна улога во меѓународните организации, како и на зајакнување на економската дипломатија, инвестициите и трговската размена.

Во заклучокот од обраќањето, министерот ја сумираше надворешната политика во изминатиот период преку три клучни принципи – достоинство, резултати и визија.

Како што истакна, достоинството значи заштита на националниот интерес преку јасни позиции, силни аргументи и институционална сериозност, наместо преку реторика. Резултатите се мерат преку конкретни придобивки за граѓаните – инвестиции, безбедност, работни места и поголем меѓународен углед. Визијата, пак, подразбира јасна насока за развој на државата во наредните години, со сопствена стратегија и проактивен пристап во меѓународните односи.

Можете да прочитате

Халкбанк предупредува за онлајн измама со цел злоупотреба на лични и финансиски податоци

Јаневска за врсничкото насилство: Институциите може да прават се како што треба, но без помош од родителите нема успех

Приведени девет возачи, пет возеле без дозвола, од нив еден малолетник кој предизвикал сообраќајна незгода