Утрински Весник
Македонија

Муцунски на Дубровник форум: Постепената интеграција во Европската Унија мора да биде мост кон полноправно членство, а не трајна чекална

Photo 2026 06 28 09 47 08 2.jpg

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, на покана на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, учествуваше на панел-дискусијата „The EU and the Western Balkans: Resolving Unfinished Business Together”, во рамки на Дубровник форумот, посветена на европската перспектива на Западен Балкан и иднината на политиката на проширување.

Во обраќањето, министерот Муцунски се осврна на актуелните иницијативи за постепена интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, оценувајќи дека тие можат да бидат значајна алатка доколку претставуваат мост кон полноправното членство.


„Доколку новиот модел на постепена интеграција претставува мост кон полноправно членство, тогаш ќе биде исклучително корисен. Но, мора да внимаваме да не стане алатка која ќе создаде трајна чекална без врата кон целосно членство”, истакна Муцунски.

Тој нагласи дека иницијативите како СЕПА и Планот за раст веќе покажуваат конкретни придобивки за регионот преку поттикнување на реформите и обезбедување директна финансиска поддршка, оценувајќи дека ваквите механизми можат значително да придонесат за побрза европска интеграција.

Осврнувајќи се на процесот на проширување, Муцунски истакна дека е потребна поголема дисциплина, со појасни стандарди, рокови и исходи, како и покредибилен и попредвидлив пристапен процес.

Во однос на прашањата поврзани со македонскиот идентитет, министерот порача дека не постои „северномакедонски” народ, „северномакедонски” јазик или „северномакедонски” идентитет, туку единствено македонски народ, македонски јазик и македонски идентитет, нагласувајќи дека секој обид за нивно оспорување ќе наиде на соодветен одговор.

Говорејќи за европската интеграција, Муцунски истакна дека државата продолжува да испорачува резултати во спроведувањето на реформите и останува целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, при што, како што посочи, придонесува и пошироко од формалната усогласеност.

Во однос на билатералните односи со Бугарија, министерот оцени дека со новата легитимна влада во Софија постои можност за разговор за отворените прашања, но и за заедничката европска иднина.

„Нашата намера не е само да ги започнеме пристапните преговори и по неколку месеци повторно да се најдеме во истата ситуација. Нашата цел е да ги започнеме и успешно да ги завршиме врз основа на европското законодавство, Копенхашките и Мадридските критериуми”, порача Муцунски.

Можете да прочитате

Македонија под топлотен бран температури до 40 степени

Мајка од Струга ги оставила децата да спијат во автомобил на паркинг

Филипче ќе ја распродава Македонија на рати оти мисли дека така ќе си купи премиерска фотелја