Утрински Весник
Македонија

Муцунски – Мацинка: Цврсто македонско-чешко партнерство, силна поддршка за европската интеграција и нови можности за економска соработка

8 image 2026 08 19 at 14.34.43 e1787144949396.jpeg

На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во официјална дводневна посета на Република Северна Македонија престојува заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Н.Е. г. Петр Мацинка.

Во фокусот на средбите во Охрид беа натамошното зајакнување на билатералните односи и потврдувањето на континуираната чешка поддршка за европската интеграција на земјата. Соговорниците заеднички оценија дека македонско-чешките односи се одликуваат со високо ниво на политички дијалог, искрено пријателство, меѓусебна доверба и партнерство, при што беше изразен заемен интерес за нивно натамошно продлабочување.

Значаен дел од разговорите беше посветен на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и можностите за нови чешки инвестиции. Беше истакната подготвеноста за интензивирање на контактите меѓу надлежните институции и бизнис-заедниците на двете земји, особено во транспортот и инфраструктурата, енергетиката, туризмот, земјоделството и технолошките инвестиции.

„На економски план постои значителен простор за повеќе. Чешката Република веќе се вбројува меѓу нашите 15 најзначајни трговски партнери, но нашата амбиција е оваа соработка да ја подигнеме на повисоко ниво. Гледаме конкретни можности во транспортот и инфраструктурата, енергетиката, туризмот, земјоделството и технолошките инвестиции”, истакна министерот Муцунски по средбата.

Соговорниците разменија мислења и за актуелните регионални, европски и глобални безбедносни прашања. Како сојузници во НАТО, беше нагласена потребата од натамошно зајакнување на соработката и координацијата, како и заедничката одговорност за зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста во Европа и во регионот, особено во услови на длабоки геополитички промени и зголемени безбедносни предизвици.

Посебно внимание беше посветено на европската перспектива на земјата и на процесот на пристапување кон Европската Унија. Министерот Муцунски изрази благодарност за принципиелната и континуирана поддршка на Чешката Република за европската перспектива на Западниот Балкан и за полноправното членство на земјата во Европската Унија.

Во разговорите беше потврдено дека Чешката Република останува јасен поддржувач на политиката на проширување, препознавајќи го нејзиното стратешко и геополитичко значење за стабилноста, безбедноста и просперитетот на европскиот континент. Соговорниците разговараа и за реформските процеси, европската агенда и прашањата од значење за натамошниот напредок кон полноправно членство.

„За нас, европската интеграција останува стратешка определба. Подготвени сме да ја завршиме нашата работа, да ги спроведуваме реформите и да ги исполнуваме европските стандарди. Но процесот мора да биде кредибилен и предвидлив, а напредокот да се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени европски критериуми. Тоа не е барање за привилегиран третман. Тоа е барање за фер и европски процес”, нагласи Муцунски.

Изразувајќи задоволство од посетата и благодарност за гостопримството, министерот Мацинка нагласи дека посетата, покрај политичката и билатералната, има и значајна бизнис-димензија. Во официјалната делегација се вклучени и претставници на повеќе чешки компании, кои во рамките на дводневната посета ќе остварат директни контакти со македонската бизнис-заедница, со цел искористување на потенцијалот за B2B-соработка и натамошно унапредување на економските и трговските односи меѓу двете земји.

На средбата беше реафирмирана заемната определба за натамошно унапредување на македонско-чешкото партнерство и за преточување на одличните политички односи во конкретна и продлабочена соработка во областите од заемен интерес.

Можете да прочитате

Левица: Македонците плаќаат повеќе од двојно повисок мрежен трошок за струјата отколку во 2020 година

12 уапсени возачи во последното деноноќие

Малолетник пиел алкохол во локал во Кичево, па завршил во болница