Утрински Весник
Македонија

МОН ќе анализира во кои училишта има услови за едносменска настава, се планира градинките во иднина да бидат во негова надлежност

Zgrada Mon.jpg

Министерството за образование и наука анализира во кои училишта има услови наставата да се организира во една смена. Министерката Весна Јаневска информира дека тоа е програмската определба на ВМРО ДПМНЕ, се однесува на основното и на средното образование и дека следува период на градење услови за да може да се реализира.

-Некои училишта можат тоа да го изведат и сега, но има и училишта во кои се работи во две или три смени. Во моментов во Министерството се прави анализа, по што, онаму каде што има услови, ќе побараме тие училишта да работат само во една смена. Ова е значајно не само затоа што е поприродно учениците наутро одморени да доаѓаат на настава, туку и затоа што овозможува подолг престој на учениците во училиште и реализација на многу дополнителни наставни и воннаставни активности. Оваа практика во светот се покажала како многу корисна, изјави Јаневска во разговор за Радио МОФ.

Додава дека во договор со Бирото за развој на образованието, кое има изготвено наставни програми за голем број изборни предмети, тие ќе им бидат понудени на училиштата.

Според министерката, „наставниците можат да ја користат слободата во процесот на поучување и со примена на разни методи, дидактички средства и слично, да ги реализираат наставните и воннаставните активности, со цел подигнување на квалитетот на образованието“.

Јаневска соопшти и дека план на новата Влада е претшколското образование, „во некое догледно време“, да влезе во системот на образование под ингеренции на Министерството за образование и наука, коешто ќе работи на обезбедување услови за да може повеќе деца да посетуваат градинка, како и на приспособување на програмите за воспитно-образовна дејност во градинките.

-Новата Влада ќе направи сѐ што е во нејзина можност да го намали чекањето за упис во градинките, вели Јаневска за  Радио МОФ, посочувајќи дека приватните градинки се едно од решенијата за овој проблем.

-Во градинките или е преголем бројот на згрижени деца или воопшто нема градинки. Веќе сме сведоци дека локалните самоуправи почнуваат да го решаваат тој проблем. Приватните градинки се едно од решенијата за проблемот со чекањето за упис, не верувам дека ќе бидат достапни за сите граѓани, но очекувам дека ќе го намалат притисокот во државните градинки, рече Јаневска.

Можете да прочитате

Покрај екстремно топлото време викендов, во попладневните часови во западните предели очекуваме локален пороен дожд, грмежи и краткотрајно невреме

Повредена жена пронајдена на автопат кај Демир Капија – ја претепал некој или ја прегазил?

РЕК Битола работи со еден блок