Утрински Весник
Македонија

Мојсоска: Законот за судска служба ја става судската власт под контрола на извршната и ги уназадува правата на вработените во судовите

Image 2026 06 23 164758191.png

Во Собранието денес продолжи амандманската расправа на која се разгледува Предлог-законот за судска служба. За предлог законот за судска служба пратеничката група на Левица поднесе 50 амандмани кои вчера ги образложи пратеничката Јована Мојсоска и предупреди дека предложеното законско решение претставува сериозен удар врз независноста на судската власт и врз правата на судските службеници. Амандманите, како што истакна Мојсоска, произлегле од забелешките и критиките изнесени од Независниот синдикат на судската администрација, како и од јавната расправа на која речиси и да немало поддршка за предложениот закон.

„Дури и членови на работната група предупредија дека законот треба да биде повлечен. Доколку тоа не се случи, неопходно е да се прифатат предложените амандмани за да се спречи дополнително уривање на довербата во правосудството, која веќе е на историски ниско ниво”, нагласи Мојсоска.


Таа посочи дека најголемиот проблем на законот е што наместо судските службеници да се третираат како дел од судската власт, најголемиот дел од вработените во судовите ќе бидат ставени под режимот на Законот за административни службеници и со тоа под директна контрола на извршната власт.

„Од околу 1.800 вработени во судовите, за приближно 1.550 ќе важат одредбите од Законот за административни службеници, додека само околу 300 ќе останат опфатени со Законот за судска служба. Тоа значи директно мешање на извршната власт во судската власт и сериозно загрозување на нејзината независност”, истакна Мојсоска.

Таа објасни дека дел од амандманите на Левица предвидуваат укинување на можноста министерот за правда да носи правилници кои се однесуваат на вработувања, унапредувања и други прашања поврзани со судската служба, оценувајќи дека таквите надлежности треба да му припаѓаат исклучиво на Судскиот совет.

Според Мојсоска, дополнителен проблем е и зависноста на судовите од Министерството за финансии при вработувањата и обезбедувањето финансиски средства, што отвора простор за политички влијанија врз функционирањето на судската власт.

Во своето обраќање таа предупреди и на сериозно влошување на работничките права на судските службеници. Според неа, законот предвидува укинување на постојни додатоци на плата, како и ограничувања на правото на штрајк преку исплата на само 60 проценти од платата за време на штрајк.

„Наместо да се подобри положбата на луѓето кои секојдневно работат со сложена стручна материја и се важен дел од функционирањето на правосудството, нивните права се намалуваат. Ова е враќање на состојбите во правосудството две децении наназад”, оцени Мојсоска.

Таа ги повика пратениците од владејачкото мнозинство да ги прифатат амандманите и да ги земат предвид забелешките изнесени на јавната расправа, предупредувајќи дека во спротивно јавните расправи ќе останат само формалност без суштинско влијание врз законските решенија.

„Овие амандмани доаѓаат од самите вработени во судовите кои најдобро ги познаваат проблемите со кои се соочуваат. Доколку законот се донесе во ваква форма, многу брзо може повторно да се соочиме со критики и барања за измени од европските институции”, заклучи Мојсоска.

Можете да прочитате

Седум амандмани прифатени од вкупно 105 поднесени за Предлог на законот за судска служба

Невреме со пороен дожд во Штип и Гевгелија

ТИТАН Усје: Како прва компанија со А-интегрирана еколошка дозвола остануваме посветени на највисоките стандарди во интерес на заедницата