Утрински Весник
Економија

ММФ со Извештај за аранжманот ПЛЛ – високи оцени за монетарната политика, финансискиот сектор и банкарската супервизија

Во најновиот извештај на ММФ во врска со одобрувањето средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност објавен на 28.11.2022 година се наведува дека Народната банка постојано води соодветни политики и соодветно реагира на различни шокови, одржувајќи ја успешно стабилноста и бранејќи го девизниот курс на денарот. Во однос на финансиската стабилност, банкарскиот систем е добро капитализиран и отпорен на шокови. За ова, како што се наведува во Извештајот, придонесува и ефективната супервизија, којашто работи по високи меѓународни стандарди, има силна правна и регулативна рамка и соодветни оперативни практики. При спроведувањето на своите функции, Народната банка применува силни стандарди за одговорно работење и висок степен на транспарентност во работењето.

dobivaj vesti na viber

Аранжманот ПЛЛ ќе го зајакне закрепнувањето на домашната економија, по влијанието на двата последователни шокови од пандемијата и руската инвазија на Украина и ќе ги поддржи напорите за зајакнување на макроекономската и финансиската отпорност на државата во услови на значителни предизвици од надворешно опкружување. Воедно, пристапот до средствата на Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ ќе помогне во зајакнувањето на девизните резерви, велат од НБРМ.

ММФ при процесот на одобрувањето на ПЛЛ, меѓу другото, ја оценуваше соодветноста на монетарната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор, политиката на девизниот курс, како и соодветноста на статистичките податоци. Притоа, оценува дека во однос на сите четири критериуми се постигнуваат силни резултати, што укажува на добра подготвеност на Народната банка да одговори и на идните предизвици.

-Монетарна политика. Во услови на висок раст на глобалните цени на енергијата и храната, коишто предизвикаа раст на вкупната инфлација во земјата, Народната банка одговори навремено, односно започна со монетарни мерки кон крајот на 2021 година, со интервенции на девизниот пазар за апсорбирање на денарската ликвидност. Од април, Народната банка започна и со циклусот на затегнување на монетарната политика и со зголемување на основната каматна стапка. На тој начин, се овозможува и зголемување на каматниот диференцијал во однос на стапката на ЕЦБ, заради поддршка на девизниот курс на денарот. Народната банка исто така направи измени и кај стапките на задолжителната резерва, за да се дестимулира штедењето во евра. Народната банка треба да биде подготвена и за натамошна реакција.

-Стабилност на финансискиот систем. Во однос на стабилноста на финансискиот систем, ММФ посочува дека банкарскиот систем е стабилен, добро капитализиран, со стабилни извори на финансирање, при што главно се потпира на депозити од домашни извори и нема ризик за прекин на изворите на финансирање поврзани со кредитите од странски банки. Според оцените на мисијата на ММФ за членот 4, утврдено е дека не се откриени какви било проблеми коишто може да ја загрозат системската стабилност. Имајќи ги предвид глобалното забавување и заострените финансиски услови, Народната банка го засили следењето на банките и треба да продолжи со зајакнување на рамката за стрес-тестирање. Потребни се натамошни измени во регулативата заради засилување на макропрудентниот мандат на Народната банка.

-Ефикасност на супервизијата во финансискиот сектор. Според Извештајот на ММФ супервизијата се изведува врз основа на силна законодавна и регулативна основа и добро развиени практики, усогласени и со европските стандарди, според оцената од ноември 2021 година од страна на Европската комисија. Народната банка постапува според препораките во Програмата за детална процена на финансискиот сектор (FSAP) за супервизија на финансискиот сектор и се преземени чекори за унапредување на следењето на системскиот ризик, следењето на ликвидноста, подготвеноста за справување со кризи, како и мерки за унапредување на рамката за управување со кризи.

-Политика на девизен курс. ММФ заклучува дека надворешната позиција на земјата е во согласност со фундаментите, а новиот аранжман ПЛЛ ќе биде поддршка за девизните резерви.

-Транспарентност на Народната банка. Извршниот одбор на ММФ како еден од критериумите ја разгледуваше и транспарентноста и интегритетот на податоците, при што и овој сегмент е високо оценет, особено имајќи предвид дека земјата го применува највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на ММФ – СДДС плус.

Можете да прочитате

Битиќи: Над 180 милиони евра поддршка за домашните компании во наредните четири години

Вицегувернерката Митреска: Трендовите се поволни, но Народната банка и натаму е претпазлива во носењето на монетарните одлуки поради присутните ризици

Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата