Утрински Весник
Свет

Министрите за одбрана на Кина и САД разговараа за Тајван, Украина и Газа

20240601100309 Big 730x400 10.webp.webp

Министрите за одбрана на САД и Кина, Лојд Остин и Донг Јун се сретнаа на маргините на „Дијалогот Шангри-Ла“, годишниот азиски форум за одбрана и безбедност што се одржува во Сингапур.

На првата средба меѓу министрите за одбрана на САД и Кина од ноември 2022 година, тие разговараа за Тајван, ситуацијата во Јужното Кинеско Море и војните во Украина и Газа.

– Тоа беше позитивна, прагматична и конструктивна стратешка комуникација, рече портпаролот на кинеското Министерство за национална одбрана, Ву Чиан, јави Кинеското меѓународно радио.

Според него, целта на разговорите била спроведување на важните заеднички договори постигнати меѓу претседателите на Кина и САД, Си Џинпинг и Џозеф Бајден и промовирање на здрав и стабилен развој на односите меѓу двете војски.

Донг изјави дека односот меѓу кинеската и американската војска е стабилизиран, но ја повика американската страна, како што е наведено, „да не ги игнорира фактите, да не ја префрла вината, да не избегнува одговорност или да не се обидува да ги дискредитира и потиснува другите“.

Во соопштението на американското Министерство за одбрана се наведува дека Остин ја нагласил важноста од одржување отворени линии на комуникација меѓу двете војски и изразил загриженост за, како што е нагласено, „неодамнешните провокативни акции на кинеската војска околу Тајванскиот теснец“.

„Соединетите Американски Држави остануваат посветени на својата долгогодишна политика ’Една Кина“, која е водена од Законот за односи со Тајван, трите заеднички коминикеа САД-Кина и Шестте гаранции“ се нагласува во соопштението.

Остин, исто така, „разговараше за неиспровоцираната војна на Русија против Украина и улогата на Кина во поддршката на руската одбранбена индустриска база“.

Американскиот секретар за одбрана изрази загриженост и за неодамнешните провокации од Северна Кореја, вклучително и нејзиниот директен придонес во тековниот руски напад врз Украина, стои во соопштението.

Можете да прочитате

Кина изрази незадоволство откако ЕУ воведе царини за увоз на кинески електрични возила

Илјада дена по забраната, УНИЦЕФ ги повика талибанците да им дозволат на девојчињата да одат на училиште

Флотата на руската морнарица пристигна во Куба