Утрински Весник
Македонија

Мицкоски за македонската интеграција во ЕУ: „Колку економски посилна е мојата земја, толку поотпорен ќе биде источниот и јужниот фронт на НАТО“

Miczkoski06.jpg

Во ексклузивно интервју за Брајтбарт, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека членството на Македонија во Европската Унија е безбедносно прашање за регионот и целиот НАТО блок.

Мицкоски рече дека по соработката со САД, вториот голем стратешки приоритет на Северна Македонија е членството во Европската Унија.

Тој потсети дека земјата го започнала својот европски пат пред повеќе од две децении.

Во 2000 година бил потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација, а во 2005 година Северна Македонија, заедно со Хрватска, станала земја кандидат.

Во 2008 година Европската комисија дала позитивна препорака за почеток на преговорите, но оттогаш, според Мицкоски, започнале проблемите.

„Прво беше спорот за името со нашиот јужен сосед Грција, а сега имаме спор со нашиот источен сосед Бугарија. Сите тие спорови на некој начин се поврзани со нашиот идентитет.“

Тој наброја дека земјата во изминатите децении го променила знамето, валутата, двапати го менувала Уставот и на крај го променила и уставното име.

„Според многу бирократи од Брисел и од целиот свет, тоа требаше да биде последната работа што требаше да ја направиме. Но, за жал, тие нè предадоа и нè излажаа.“

Мицкоски потсети и на француското вето за почетокот на преговорите, како и на подоцнежното бугарско барање за нови уставни измени.

„Сега сме во многу критична и, би рекол, многу чудна ситуација. Во една мултилатерална организација, НАТО, ние сме сојузници со Бугарија. А во друга мултилатерална организација, Европската Унија, истиот наш сојузник од НАТО ни поставува ограничувања и ни става вето.“

Тој го оцени тоа како „непријателски гест“ и пример за двојни стандарди.

Според Мицкоски, членството на Северна Македонија во ЕУ е важно и за безбедноста на НАТО.

„Колку економски посилна е мојата земја, толку поотпорен ќе биде источниот и јужниот фронт на НАТО.“

Тој рече дека тоа ќе ѝ овозможи на Северна Македонија побрзо да ги модернизира вооружените сили и да инвестира во железничка и патна инфраструктура која е важна за НАТО.

Можете да прочитате

Едногласно отфрлена иницијативата за изградба на податочен центар во Пехчево

Уапсен маж во Дебар, возел без возачка и направил сообраќајка

Сопственик на фирма си присвоил 10 службени автомобил за да ја намали стечајната маса