
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше и се обрати на пленарниот состанок на Секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“, кој се одржа во свечената сала на Владата, а на кој присуствуваше и претставничката на Делегацијата на Европската Унија, Роберта Кортезе, како и претставници на дипломатскиот кор, надлежните институции и меѓународните организации.
Основната задача на оваа секторска работна подгрупа е поддршка на секторскиот пристап во процесот на програмирање и спроведување на проектите финансирани со средства од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската Унија, како и унапредување на координацијата меѓу институциите и меѓународните партнери во реализацијата на утврдените реформски и стратешки приоритети.
На пленарниот состанок беа презентирани стратешките, планските и програмските документи, тековните проекти и новите проектни иницијативи на Министерството за внатрешни работи, а се дискутираше и за досегашниот напредок во спроведувањето на реформите, актуелните предизвици и можностите за натамошна поддршка и модернизација на институцијата.
Министерот Тошковски во своето воведно обраќање ја нагласи цврстата определба на Министерството за внатрешни работи за доследно спроведување на реформските процеси, исполнување на обврските што произлегуваат од Реформската агенда и континуирано усогласување со европските стандарди и најдобрите практики.
„Европската интеграција е наш клучен и стратешки приоритет. Свесни сме дека напредокот во оваа област не се мери само преку исполнување на формално утврдени обврски, туку пред сè преку конкретни и одржливи резултати, зајакнати институционални капацитети и унапредување на квалитетот на услугите и безбедноста на граѓаните“, истакна министерот Тошковски.
Тошковски изрази благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија и меѓународните партнери, особено преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА, како и преку другите програми и проекти насочени кон зајакнување на институционалните, човечките и техничките капацитети на Министерството за внатрешни работи. Притоа, нагласи дека успешноста на ова партнерство подразбира заедничка посветеност, јасно дефинирани приоритети, одговорност и сопствена институционална иницијатива во реализацијата на реформите.
Во своето завршно обраќање, министерот Тошковски изрази задоволство од конструктивната дискусија и презентираните проектни иницијативи, кои отвораат дополнителни можности за модернизација на македонската полиција и унапредување на ефикасноста на Министерството за внатрешни работи.
„Презентираните идеи и иницијативи отвораат можности за понатамошно унапредување и модернизација на Министерството за внатрешни работи. Сметам дека наша заедничка задача во наредниот период е идентификуваните можности да ги преточиме во конкретни активности, со јасно дефинирани цели и очекувани резултати. Притоа, од особено значење ќе биде да обезбедиме соодветна институционална координација, реална проценка на потребите и одржливост на предложените решенија“, потенцираше Тошковски.
Министерот Тошковски ја потврди посветеноста на Министерството за внатрешни работи на исполнувањето на обврските од Реформската агенда, спроведувањето на препораките на Европската комисија и утврдените реформски приоритети во рамки на евроинтеграцискиот процес.
Тошковски посочи дека преку континуиран дијалог, силна институционална координација и партнерска соработка со Европската Унија и меѓународните партнери, Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да гради модерна, професионална, ефикасна и одржлива институција, која работи според европските стандарди, во служба на граѓаните и во функција на остварувањето на стратешката цел – полноправно членство на Македонија во Европската Унија.


