Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Ни треба деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста

20241127101925 Big 730x400 97.webp.webp

Нашата визија е јасна, сакаме јавна администрација којашто ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност, истакна премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација. Конференцијата е посветена на темата „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“.

– Јавна администрација што нема да биде само сервис за граѓаните, туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори. Зборуваме за една важна тема, што со годините многу малку била предмет на студиозна анализа, ниту пак на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките што треба да се преземат за поголем квалитет на услугите, но и иновациите како важен предизвик на тој план, рече Мицкоски.

Истакна дека ова е тема којашто не само што го одредува квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните, туку и го обликува лицето на државата.

– Во изминатиот период, сите сме сведоци на предизвиците со кои се соочува администрацијата. Бавни процеси, недостаток на дигитализација, понекогаш и недоволна транспарентност. Но и партизацијата која е отворен проблем, исто како и недоволната компетентност визави приватниот сектор. Овие проблеми не можеме да ги игнорираме – тие се реални и за нив треба да се најдат решенија, нагласи премиерот.

Притоа се осврна и на целите и на важноста на реформите. Зборувајќи за дигитализација на услугите, рече дека ќе се обезбеди што е можно повеќе услуги да бидат достапни онлајн, со еден клик за да се намали времето за чекање и зголеми задоволството на корисниците.

Мицкоски говореше и за ефикасноста и професионалноста, како и за транспарентноста и отчетноста, намалувањето на бирократијата, вреднувањето на трудот како поставени цели.

– Се залагам за деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста. Ќе ги зајакнеме механизмите за надзор и отчетност. Секој граѓанин има право да знае како и каде се трошат јавните средства. Администрацијата треба да биде партнер, а не пречка за граѓаните и бизнисите. Работиме за поедноставување на процедурите и намалување на непотребните документи. Потребен е систем за наградување на оние што работат вредно и чесно, за да ги мотивираме сите вработени во администрацијата да се стремат кон извонредност, подвлече премиерот.

Реформите, како што посочи, не се само за подобрување на услугите, туку и за враќање на довербата.

Можете да прочитате

Влада: Оддаваме почит на сите невини жртви од геноцидот во Сребреница 

Нормализиран сообраќајот за камиони кон „Блаце”, на „Табановце“ се чека околу 30 минути

Повторно одложено судското рочиште за случајот Веапоска на кое требаше да биде презентиран извештајот од супервештачењето