Утрински Весник
Свет

Мерц побара од администрацијата на Трамп да се држи понастрана од германската политика

Merc.webp.webp

Новиот германски канцелар Фридрих Мерц синоќа ја повика администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да се „држи понастрана“ од внатрешната политика на Германија, откако неколку американски функционери ѝ дадоа поддршка на крајно десничарската партија АфД.

Најавувајќи дека утре ќе го има својот прв телефонски разговор со американскиот претседател Трамп, новиот германски лидер изјави за телевизијата ЗДФ (ZDF) дека сака да „ја охрабри и повика американската Влада да ја остави внатрешната политика на Германија да остане внатрешно прашање и да се држи подалеку од партиските политички размислувања“.


Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио во петокот остро ја критикуваа одлуката на германската разузнавачка служба БфД (BfD) да ја класифицира партијата АфД како екстремистичка десничарска организација, подложувајќи ја на зголемен владин надзор.

Мерц рече дека сака да „направи сè“ за да ја „поврати довербата“ кај сегашните гласачи во крајно десничарската АфД, која добива на сила и сега е прва опозициска група во Бундестагот.

Тој, исто така, рече дека со неодамнешната класификација на партијата од страна на разузнавачката служба како „екстремистичка десничарска“, фундаменталниот проблем „не е решен“.

Во своето прво интервју откако стана канцелар, Мерц, исто така, изрази значителна загриженост за ситуацијата во Газа и го повика Израел, каде што ќе оди неговиот министер за надворешни работи, да „ги почитува своите хуманитарни обврски“.

„Израел има право да се брани од Хамас, но треба да остане и земја што ги почитува своите хуманитарни обврски“, рече Мерц, додавајќи дека ова е особено важно во Појасот Газа, каде што се води „страшна војна“ на место каде што е потребно да се води конфликт со „терористите на Хамас“.

Тој рече дека неговиот нов министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, ќе оди во Израел на крајот од неделата.

Можете да прочитате

Галеб на покривот на Систинската капела го украде шоуто на конклавата

Украина има нов моќен дрон

Црн чад од оџакот на Сикстинската капела – без избор на Папа по првото гласање во Ватикан