Утрински Весник
Македонија

Меџити: Овие четири години Албанците имаа многу власт, но беа во функција на себеси и на своите блиски

Img 8084.jpeg

Членовите на работната група која ќе ги води преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за формирање на парламентарно мнозинство се веќе номинирани, истакна лидерот на Демократското движење Изет Меџити.

-Веќе се номинирани членови од сите политички субјекти во склоп на Вреди. Во работната група од Демократското движење е Висар Ганиу, од Алијансата за Албанците Азир Алиу и има два члена од Движење Беса и Алтернатива. Во делот на програмата ќе биде вклучен и Беким Ќоку од Самоопределување. Тој нема да биде дел од Владата, туку ќе биде во парламентарна група и ќе има свој глас како пратеник – рече Меџити на „Топ Тема“.

Тој го пофали Христијан Мицкоски дека и покрај тоа што добил 58 пратеници дошол во штабот на Вреди, и тоа го оценува како добар почеток и знак дека ја нема ароганцијата на старото ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски.

– Разговорите продолжуваат на дневно ниво. Контактите се секојдневни, на различни нивоа. Првично се работи на принципите на новата влада и унифицирање на програмите од двете коалиции. Мислам дека веќе не претставува интерес кога ќе се сретнат – може денеска, може два пати преку ден, комуницираме и телефонски и на средби. Работиме интензивно на составување на новата влада.

Непотребно е притисокот од јавноста и медиумите на секоја средба. Тие се работни средби и тоа што ќе се затвори ќе ја известиме преку вас медиумите – кажа Меџити, посочувајќи дека новата влада се очекува најдоцна до 15 јуни.

Преговорите сѐ уште не стигнале до распределбата на ресори, рече Меџити, потенцирајќи дека Вреди не влегува во владата за да има минимално учество.

– Овие четири години Албанците имаа многу власт, значи скоро девет или 10 министри, некои беа од СДСМ, некои од ДУИ, Алијанса, но беа во функција на себеси и на своите блиски, но не беа во функција на граѓаните. Значи побитно е да ги решиме проблеми на граѓаните, а тоа да го чувствуват граѓаните, да ја чувствуваат промената отколку дали Изет, Африм или некој ќе биде или нема да биде министер – рече Меџити, кој потенцира дека ќе бараат функцијата претседател на Собранието да припадне на нивната коалиција.

Можете да прочитате

Уапсен неготинец кој и покрај забрана за доближување ја вознемирувал екс партнерката

Парада на гордоста на 22 јуни под слоганот „Спектакуларно неспослушни“

Мојсоска: Прв закон што ќе го поднесеме е Законот за една изборна единица