
Скопје од град со препознатлив урбан карактер и сопствен идентитет постепено се претворило во простор во кој приватниот интерес, урбанистичката негрижа и корупцијата го потиснале јавниот интерес. Ова е оценката на професорот од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, изнесена во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според него, отстапувањето од визионерскиот концепт на јапонскиот архитект Кензо Танге започнало уште пред осамостојувањето на Македонија, но најголемата трансформација и деградација на урбаното ткиво на градот се случиле во периодот на транзицијата.
Марковски вели дека во тие години Скопје престанало да се развива според долгорочна стратегија и урбанистичка логика, а просторот почнал да се гледа исклучиво како можност за заработка.
„Скопје стана како албум за филателија – станаа битни само ‘маркичките’ кои ќе бидат нацртани за да може да се земе одредена локација. Така Скопје стана град без идентитет, мешавина од сè и сешто. Дури и кога се правеа обиди да се изградат објекти од други епохи, тоа требаше да се направи стручно, а не да се импровизира со стиропори. Ако столбот е од мермер, треба да биде од мермер, а не од стиропор. Скопје едноставно ја изгуби трката со приватниот интерес и со корупцијата на оние кои требаше да го заштитат“, изјави Марковски.
Како пример за, според него, погрешните урбанистички политики, професорот ја посочи локацијата на комплексот „Лимак“ во центарот на Скопје.
Тој потсети дека според договорот инвеститорот требало најпрво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да следува реализацијата на останатите објекти. Наместо тоа, вели Марковски, најголемиот дел од комерцијалниот проект бил реализиран пред конечното завршување на сообраќајното решение.
„Ако ја погледнете хронологијата, ќе видите дека инвеститорот добива половина од централното градско подрачје за градба, само во замена за тоа да изгради подземна сообраќајница долга околу 700 метри. Во договорот беше наведено дека прво треба да се направи сообраќајницата, па дури потоа да се гради сè останато. Од тоа не бидна ништо. Сообраќајницата можеби градежнички е изведена, но не верувам дека има инсталации. Фактот што на новинарите не им се дозволува да влезат и да снимаат внатре е крајно сомнителен“, рече Марковски.
Професорот нагласи дека од инженерски аспект изградбата на ваква подземна улица не претставува исклучителен градежен потфат кој би го оправдал отстапувањето на толку атрактивна локација во срцето на главниот град.
„Тоа е практично дел од паркинг-простор со по три ленти од двете страни, низ кој се влегува и излегува по околу 700 метри. Слично решение, иако пократко, имавме и во Градскиот трговски центар. Тоа не е некое големо градежно чудо за една фирма да добие таква ексклузивна локација, да изгради четири кули, хотели и трговски центри, да ги продаде и повеќекратно да ги врати вложените средства, а дури потоа да се размислува за довршување на подземната улица. Се поставува прашањето како се одредувале приоритетите“, истакна Марковски.
Тој најави дека во следните анализи ќе се осврне и на други значајни локации во Скопје, меѓу кои и просторот на поранешното Сајмиште, како уште еден пример за урбанистичките промени што, според него, трајно го измениле ликот на градот.


