Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел ќе го отвори билатералниот скрининг состанок за Поглавје 23, „Правосудство и фундаментални вредности“.
Во следните два дена, Работната група за преговори, низ 24 презентации, ќе ја претстави позицијата и нивото на усогласеност на правниот систем на Северна Македонија во однос на европското право во областа на судството, антикорупциската политика, основните права, правата и заштитата на малцинствата и правата на граѓаните на ЕУ, пред експертите од Европската комисија.
Дел од македонскиот преговарачки тим е и државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања и заменик на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, а членовите на Работата група за преговори се претставници од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Министерство за правда , Министерство за внатрешни работи, Министерство за надворешни работи, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за информатичко општество и администрација, Судски совет, Совет на јавни обвинители, Јавно обвинителство, Државна комисија за спречување на корупцијата, Агенција за аудио и аудиовизуелни Медиумски сервиси, Агенција за заштита на лични податоци, Агенцијата за катастар на недвижности и Секретаријатот за европски прашања.
Поглавјето 23 „Правосудство и фундаментални права“ ги покрива областите на правосудство, антикорупциска политика и фундаментални права. Европските принципи за фундаментални права се утврдени во Повелбата за фундаменталните права која што со стапувањето на Лисабонскиот договор на сила е правно-обврзувачка за земјите членки. Во оваа област фокусот на Европската Унија е ставен на борбата против дискриминацијата, расизмот и ксенофобијата, слободата на изразување, заштитата на личните податоци како и на заштитата на ранливите групи, како што се децата, жените и малцинствата, информираат од Секретаријат за европски прашања.