Утрински Весник
Македонија

Маричиќ на „Балкански интегративен форум“: ЕУ да направи јасен план за проширување на Западен Балкан

Маричиќ на „Балкански интегративен форум“: ЕУ да направи јасен план за проширување на Западен Балкан

Сега е најважно што побрзо ЕУ да направи јасен план за проширувањето на Западен Балкан, со временска рамка во која земјите од Западен Балкан, или барем повеќето од нив ќе станат членки на Европската Унија. Со тоа ќе потврди дека Европската Унија функционира за Западниот Балкан и дека е единствен проект за регионот, рече заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на „Балканскиот интегративен форум 2022“, како панелист на тема „Западен Балкан и проширувањето на ЕУ – одраз на руската агресија врз Украина“.

dobivaj vesti na viber

Според вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Северна Македонија последните шест години направи многу и очекува тоа да се валоризира на соодветен начин, не со празни ветувања, туку со конкретен план, кога Северна Македонија, но и сите останати, кои веќе долго се во процесот, ќе станат членки на Европската Унија.

„ Во последно време циркулираат разни нонпејпери, разни документи кои предложуваат таканаречено пристапување во фази. Тоа значи да пристапиме што побрзо, а при тоа да ги немаме сите оние привилегии и права кои ги имаат сите земји членки, да речеме право на комесари, право на вето и слично, истакна Маричиќ, потенцирајќи дека за нас е важно, дури и под такви услови, што побрзо да влеземе во Европската Унија и смета дека во таа смисла сите во регионот треба да имаме заедничка зацртана цел која ќе се претстави на Европската Унија.

Тој рече дека Европската Унија сè уште, длабоко во себе, е и мировен, и политички проект, бидејќи да не е воопшто не би се поставувало прашањето дали треба, или не треба Украина да биде членка, или Молдова и Грузија, или која било друга земја од источното партнерство.

Маричиќ рече дека очекува државите членки на ЕУ да не дозволат историските процеси да бидат какви било бенчмаркови и репери, бидејќи ако го дозволат тоа, во иднина може држава членка на ЕУ да бара сешто од друга држава кандидат, во која било фаза од процесот на евроинтеграција, што нема да има врска со Европската Унија.

„ Затоа е многу важно да се држиме до европските принципи, Копенхашките критериуми, а билатералните спорови да ги решаваме на еден европски начин, со фер компромис и преку механизмите кои веќе ги има и европската Унија и Советот на Европа, додаде Маричиќ.

Тој изрази верување дека и бугарските политичари имаат извлечено поука од прашањето Северна Македонија и рече дека имаме и добри сојузници во Бугарија, во сите политички партии, но за жал сè уште тензијата и антикампањата е голема, за која Маричиќ смета дека е врзана и за она што се случува во Украина, бидејќи сличните структури кои се против поддршката за Украина се и против Северна Македонија и преговорите со Европската Унија, вели тој.

„ Ова е заедничка задача и од наша и од бугарска страна да не дозволиме сите овие спорови во наредниот период станат уште поголема препрека, бидејќи тоа дефинитивно ќе влијае долгорочно и на нашите односи, но и на идните односи во Унијата и регионот, посочи Маричиќ.

Она што мора да се истакне според Маричиќ за кризата во Украина е тоа што покажа дека во ова време е тешко да се остане неутрален и практично ги притисна сите држави на Европа да заземат јасен став и посочи дека Северна Македонија е меѓу првите држави кои ја осудија агресијата на Украина, ги прифати санкциите кои ги воведе Европската Унија, и стопроцентно се усогласи со надворешната политика на ЕУ.

Меѓутоа тој додаде дека кризата во Украина покажа и уште неколку важни работи а едната од нив е важноста на НАТО Алијансата и како организација и како безбедносен систем, за кои не сме биле свесни кога се правеа уставните измени, врзани за Преспанскиот договор.

„ Многумина ни говореа дека таа цена е превисока и дека треба да се запрашаме дали воопшто вреди да се влегува во НАТО. Четири години подоцна, пак, имаме ситуација кога едни развиени, демократски, сериозни држави како што се Шведска и Финска бараат членство во НАТО, а ние сме веќе таму. Сега сфаќаме дека тоа е навистина важно. И дека цената не беше превисока, бидејќи ако Северна Македонија не беше членка на НАТО, сигурно и безбедносната и политичката ситуација ќе ни беа многу покомпликувани отколку што се денес, заклучи Маричиќ.

„Балканскиот форум за интеграција 2022“, организиран од Фондацијата Фридрих Еберт и Европското движење во Црна Гора, се одржуваше во Подгорица, Црна Гора, од 17 до 18 ноември 2022 година.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, учествуваше онлајн, а негови соговорници беа Ранко Кривокапиќ, поранешен претседател на Собранието на Црна Гора, Весна Пусиќ, поранешна пратеничка во хрватското Собрание, поранешниот министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак, и Бошко Јакшиќ, новинар и колумнист.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег