
Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда со која Гордана Филиповиќ од Куманово е осудена на две години и шест месеци затвор за сообраќајната несреќа кај Мостот „Гоце Делчев“ во Скопје, во која животот го загуби 76-годишниот пешак Слободан Ангеловски.
Со одлуката на Апелација се одбиени и жалбата на одбраната против првостепената пресуда и жалбата на Обвинителството, кое бараше повисока затворска казна. Со тоа, останува во сила санкцијата што Основниот кривичен суд Скопје ја изрече во повторената постапка.
Апелациониот суд оценил дека првостепената пресуда е аргументирана и дека Кривичниот суд правилно ги утврдил околностите под кои се случила трагичната сообраќајна несреќа.
Според образложението, Филиповиќ управувала со автомобил по фреквентна сообраќајница и во услови на густ сообраќај, движејќи се со брзина од 54,4 километри на час на место каде што максимално дозволената брзина изнесува 50 километри на час.
Како особено значаен момент судот го издвоил однесувањето на обвинетата при приближувањето кон обележаниот пешачки премин. Возилата во соседните ленти веќе биле запрени, но Филиповиќ не ја намалила брзината. Таа го заобиколила возилото кое било запрено во средната сообраќајна лента, преминала во третата лента и продолжила да се движи.
Според оценката на судот, запрените возила во соседните ленти претставувале јасен сигнал дека на пешачкиот премин има пешак и дека возачот требало да запре.
Несреќата се случи во 2022 година кај Мостот „Гоце Делчев“, наспроти Македонскиот народен театар, кога беше усмртен Слободан Ангеловски.
Предметот претходно веќе беше пред Апелациониот суд. Првично Филиповиќ беше осудена на три години затвор, но таа пресуда беше укината и предметот беше вратен на повторно судење.
Во повторената постапка судијката Лидија Петровска изрече казна од две години и шест месеци затвор.
По изрекувањето на пресудата, синот на загинатиот, Столе Ангеловски, јавно изрази незадоволство од висината на казната.
„Максимално сум разочаран од судството во Македонија. Две години и шест месеци за обвинетата која направила сериозни прекршоци – брзо возење и незастанување на пешачки. Ова е шокантна и некоректна пресуда“, изјави тогаш Ангеловски.
Одбраната ја обжали пресудата, со став дека делото не било сторено со умисла, туку од небрежност, додека Обвинителството побара построга казна.
Апелациониот суд сега ги одби двете жалби и ја потврди пресудата со која Гордана Филиповиќ е осудена на две години и шест месеци затвор.


