
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, денеска ја потпиша одлуката за концесионер на комплексот „Македонско село“, кој е избран по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии.
Концесионерот има обврска да ги преземе сите потребни активности за оспособување на комплексот за почеток со работа од 1.06.2025 година.
,,После години на затворање и уништување на сè што претставува културно наследство, идентитет и историја – конечно започнуваме ново поглавје. Комплексот „Македонско село“ не функционира речиси седум години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, а во меѓувреме, СОЗР редовно ги исплатуваше трошоците за осигурување и обезбедување и практично имаше финансиски загуби од над 300.000 евра. Со изборот на концесионер, правиме сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата, се наведува во соопштението од СОЗР.
Комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, се состои од 12 автентични куќи, со простории каде се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел.