
Главниот ирански преговарач со САД, Мохамад Багер Галибаф, денеска изјави дека Американците рекле „не на војната“ на вчерашните конгресни избори на кои Републиканската партија на претседателот Доналд Трамп претрпе тежок пораз од демократите.
„Без разлика дали тоа е од совест или поради зголемувањето на трошоците за живот, Американците рекоа НЕ НА ВОЈНАТА и ние ја поддржуваме таа порака“, напиша Галибаф на социјалната мрежа Икс.
Во текот на ноќта, Трамп во телефонско интервју за телевизијата „Фокс њуз“ призна дека војната во Иран „делумно“ е одговорна за тешкиот пораз на републиканците на конгресните избори.
Демократите остварија убедлива победа, обезбедувајќи мнозинство во двата дома на Конгресот, со што Трамп се најде во неизвесна политичка положба во преостанатите две години од неговиот претседателски мандат.
Од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, предизвикан од израелско-американските напади врз Иран на 28 февруари, Техеран редовно напаѓа бродови што се обидуваат да поминат низ Ормуската Теснина без негова дозвола. Како одговор, Вашингтон воведе блокада на иранските пристаништа.
Нарушувањата на поморскиот сообраќај низ Теснината низ која пред војната минуваа околу 20 отсто од светските испораки на нафта и течен природен гас, предизвикаа нагло зголемување на цените на енергенсите, што се одрази и врз куповната моќ на Американците.
Иран во понеделникот соопшти дека е подготвен повторно да ја отвори Ормуската Теснина, под услов Вашингтон да прифати повеќе негови барања. Изјавата уследи по заканите на САД и Израел за повторно големи напади врз земјата.


