Утрински Весник
Спорт

Македонските спортисти тргнуваат во битка за медали – рекордна делегација на Игрите во Таранто

778735987 1109877971623363 3614737740533837329 n.jpg

Македонија е подготвена за големо спортско претставување на меѓународната сцена. Денеска официјално беше претставена македонската делегација која од 21 август до 3 септември ќе настапува на Медитеранските игри во Таранто, Италија.

Со вкупно 130 членови, од кои 90 спортисти, ова ќе биде најбројната македонска делегација во досегашните настапи на Медитеранските игри. Спортистите ќе се натпреваруваат во индивидуални и екипни дисциплини, а македонската делегација ќе настапува во спортска опрема на ЈОМА.

На прес-конференцијата беа претставени составот на делегацијата, подготовките и очекувањата пред почетокот на натпреварите. На присутните им се обрати претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, како и дел од спортистите кои ќе настапат во Таранто.

Македонија ќе има претставници во 19 од вкупно 33 спортови на програмата. Во индивидуалните спортови ќе настапуваме во атлетика, бадминтон, бокс, велосипедизам, коњички спортови, мечување, ритмичка гимнастика, џудо, карате, стрелаштво, пливање, таеквондо, тенис, триатлон и борење во слободен стил.

Во екипните спортови македонските бои ќе ги бранат женските репрезентации во ракомет и одбојка, машката репрезентација во баскет 3х3 и машката фудбалска репрезентација до 21 година.

Димевски истакна дека зад спортистите е период на интензивни подготовки и дека МОК се обидел да им обезбеди најдобри можни услови пред настапот.

„Сведок сум на подготовките во изминатиот период и на трудот што секој од спортистите го вложи за да биде подготвен за настапот во Таранто. Наша задача беше да им обезбедиме најдобри можни услови и поддршка на тој пат. Верувам дека сето тоа ќе го покажат на спортските терени“, порача Димевски.

Македонија досега има освоено 14 медали на Медитеранските игри, а очекувањата се новата генерација македонски спортисти да ја продолжи традицијата и да донесе нови одличја.

Дополнителна поддршка за македонските спортисти ќе биде присуството на претседателката Гордана Силјановска-Давкова на свеченото отворање на Игрите.

„За нас тоа е голема чест и дополнителна мотивација за целата делегација“, рече Димевски.

Дел од делегацијата ќе биде и Софија Арнаудова, сертифициран тренер за ментални перформанси, која ќе работи со спортистите на менталната подготовка, концентрацијата и справувањето со натпреварувачкиот притисок.

Шефот на делегацијата, Петар Спасеновски, веќе е во Таранто, каде што ги завршува организациските подготовки за пречекот на македонската делегација и почетокот на натпреварите.

„Нека го дадат својот максимум, а ние ќе бидеме тука да ги поддржиме на секој чекор. Нека е среќно и со успех за Македонија!“, порача Димевски.

Македонската јавност ќе може да ги следи настапите преку директни преноси на дел од натпреварите на МРТ 3, како и преку секојдневни информации, резултати и содржини на социјалните мрежи на Македонскиот олимписки комитет.

Можете да прочитате

Кристијано Роналдо ја игра последната сезона

Бабунски промаши пенал, Струга ТЛ победи во дербито на колото

Дарио Ивановски го освои 46.то место на маратонската трка на ЕП