Утрински Весник
Спорт

Македонскиот шахист Тони Лазов олимписки вицешампион

7 3.jpg

Македонскиот интернационален мајстор Тони Лазов освои сребрен медал на втората табла на 45. Шаховска олимпијада што се одржа од 10 до 22 септември во Будимпешта.

Лазов, кој го почна турнирот со рејтинг 2360, освои 7,5 поени од осум партии и со рејтинг-перформанс 2763 заврши втор на втората табла, зад олимпискиот првак, велемајсторот Таи Даи Ван Нгујен од Чешка со 2783, а бронзата му припадна на Едиз Ѓурел од Турција со 2755.

Пред 24-годишниот неготинец капитулираа велемајсторите Качпер Пјорун (рејтинг 2599) од Полска и Јаник Пелетје (2526) од Швајцарија, ИМ Аделард Баи (2378) од Тајван, ФИДЕ-мајсторите Диого Алјо (2192) од Зеленортските Острови и Рикардо Ернесто Чавез (2185) од Ел Салвадор, кандидат-мајсторот Џејмисон Едрих Као (2125) од Хонгконг и Коси Тиери Егбе (1847) од Того. Единственото реми го забележа против ВМ Јорден ван Хорест (2696) од Холандија.

Ова е четврти поединечен медал за Македонија на шаховските олимпијади по бронзениот на учителот на Лазов, ВМ Трајко Недев, во Ереван 1996 со 8 поени од 11 партии како резерва, златниот на ВМ Драгољуб Јаќимовиќ на третата табла во Истанбул 2000 со 7/9 и среброто на ВМ Владимир Георгиев на третата табла во Калвија (Шпанија) со 9/12.

Македонија во Будимпешта го освои 61. место во конкуренција на 188 машки селекции со 6 победи и 5 порази.

Златниот медал ѝ припадна на Индија, сребрениот на САД, а бронзениот на Узбекистан.

Можете да прочитате

Бетербиев нов апсолутен боксерски првак во полутешка категорија

Работници од Албанија и Романија се тепале при изградба на Камп Ноу

Се започна од Крањ, денот кој ќе биде запаметен во македонската фудбалска историја (ВИДЕО)