Утрински Весник
Култура

Македонскиот филм „Преекспонирано“ заедно со уште пет филма забранет за јавно прикажување во Каиро

Македонскиот филм „Преекспонирано“ заедно со уште пет филма забранет за јавно прикажување во Каиро

Македонскиот филм „Преекспонирано“, кој ја имаше светската премиера на Интернационалниот фестивал во Каиро, бил еден од шесте филмови кои биле забранети за јавно прикажување, пишува „Ал Џезеира“ на арапски.

dobivaj vesti na viber

Иако фестивалот тврди дека филмовите не биле цензурирани или забранети, потврдуваат дека за одредени филмови, меѓу кои и македонскиот „Преекспонирано“ биле ставени ограничувања за влез, односно тој бил достапен само за полнолетни лица. Сепак, „Ал Џезеира“ тврди дека всушност филмот бил достапен само за филмските професионалци акредитирани на фестивалот, како и за критичарите и претставниците на медиумите, додека за локалното население картите биле недостапни.

Од продукцијата ДНФ филмс велат дека се изненадени од оваа вест и за ова дознале дури откако се вратиле од Каиро.

„Навистина сме изненадени од она што го прочитавме. На самата премиера салата беше исполнета и бевме доста задоволни од посетеноста и одзивот, имајќи превид дека нашата премиера се поклопи со отворањето на Светското првенство во Катар. Добивме многу прашања и имаше позитивни реакции, но гледано од оваа точка, повеќето од присутните носеа беџови со акредитации или ни се претставија како новинари.“

Според режисерката на филмот, Елеонора Венинова, оваа вест ги оставила со измешани чувства.

„Од една стана сум благодарна на програмерите и селекторот на фестивалот што нè поканија да учествуваме и тоа во официјална конкуренција, но фактот што нашиот филм не бил достапен за љубителите на филмот ми остава навистина горчливо чувство. Очигледно од фестивалот презеле ризик да поканат филмови кои третираат теми кои се контроверзни во тоа општество, но на крај последниот збор го имал Комитетот за цензура на Египет. Мислам дека за нив е спорен начинот на кој го третирам бракот и сексуалноста на ликовите во филмот“, вели Венинова.

Филмот „Преекспонирано“ наиде на одличен прием на фестивалот во Каиро, еден од 15-те А фестивали во светот, а веќе излегоа и првите критики кои пишуваат дека „..Уште од првите моменти во нејзиниот дебитантски долгометражен филм станува јасно дека режисерката Елеонора Венинова има дарба за поставување на пасивно-агресивна драматуршка структура.“

Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климовска. Кинематографер: Лев Предан Коварски, музика: Линдзи Рајт, сценографија Срѓан Митровиќ, сценарио: Елеонора Венинов, монтажер: Гоце Кралевски, костими: Жаклина Крстевска, монтажер за звук: Дарко Спасовски, режија Елеонора Венинова, продуцент Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), ко-продуцент Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија), Интернационален агент: Опен Реел.

Филмот е снимен со поддршка од Агенцијата за филм, од Српскиот филмски центар и Еуроимаж

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“