Утрински Весник
Македонија

Хаџи Василева: Интегритетот на обвинителите е клучен во справувањето со влијанијата

Image 2026 11 16 154835157.png

Новоизбраната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, денеска ја презеде функцијата најавувајќи фокус на административните и внатрешните прашања, ефикасно постапување по предметите од висок јавен интерес, како и поголема отвореност кон јавноста.

Хаџи Василева рече дека на почетокот фокусот ќе биде ставен на неопходните административни процедури за успешно функционирање на институцијата по што следуваат одредени внатрешни прашања, организација и процеси на годишно распоредување во рамките на институцијата.


Сите предмети што го привлекуваат вниманието на јавноста, вклучително и случаите поврзани со лица на американската црна листа, Хаџи Василева рече ќе се третираат со соодветна динамика, а за одредени детали во тековни истраги постапката е ограничена со законските прописи.

– Предметите за кои постои интерес кај јавноста ќе бидат дел од оние на кои ќе им се даде соодветна динамика. Но, има и многу други предмети што треба тековно да се работат. Оттука, приоритет ќе бидат сите предмети што се однесуваат на ефикасен кривичен прогон, како и случаите за кои е јасно дека јавноста покажува висок интерес – изјави Хаџи Василева.

Во однос на буџетот на Обвинителството и дали ќе биде доволен за борбата против криминалот, Искра Хаџи Василева рече дека секако ќе биде предизвик, но и дека има мали позитивни импулси и мало зголемување на буџетот, што е добар показател.

– Ќе се трудиме со ресурсите што ги имаме да го направиме најдоброто што можеме. Јас така гледам на работите. Во меѓувреме, ќе продолжиме да се залагаме за обезбедување дополнителни ресурси бидејќи буџетските прашања се само еден од аспектите. Како што знаете, неколкупати беше посочено и од страна на републичкиот јавен обвинител дека има голем дефицит во јавнообвинителската служба. Имаме недостиг и на стручни службеници и на јавни обвинители. Ресурсите се тие што ги имаме во моментот, а наша задача е да се обидеме да постигнеме максимална ефикасност со нив. Секако, борбата за повеќе ресурси останува во континуитет – изјави Хаџи Василева.

Според Хаџи Василева, влијанија од разни центри на моќ (политика, бизнис и интересни групи) постојат, но клучни се професионалниот став и интегритетот на обвинителите во однос на овие влијанија.

– Не станува збор единствено за влијанија од политичарите. Во текот на работата чувствуваме влијанија од разни центри на моќ, од бизнис-секторот и од други интересни групи. Суштината, како што сме кажале и претходно, е во тоа како ние ќе се поставиме во однос на тие влијанија. Тука се гледа нашиот интегритет. Влијанија имало, има и веројатно ќе има, но прашањето е како ние ќе се однесуваме кон нив – порача Хаџи Василева.

Прашана за одделението за постапување по предмети поврзани со полициски службеници и неговата ефикасност, Хаџи Василева рече дека разговарала и со актуелниот раководител на тоа одделение и дека смета оти ова одделение е навистина оптоварено со голем број предмети.

– Веројатно во иднина треба суштински да се размислува за позицијата на ова одделение и за пристапот кон прашањето на одговорноста на полициските службеници. Таа одговорност е широка и опфаќа и дисциплинска и кривична одговорност. Сметам дека тука има простор за подобрување, а знам дека и раководителот на одделението го дели ова мислење. Тоа ќе биде едно од прашањата со кои ќе се занимаваме во почетниот период – изјави Хаџи Василева.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески, по средбата со јавна обвинителка Искра Хаџи Василева, на која ѝ почнува мандатот како раководител на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, и јавниот обвинител Ислам Абази, чиј мандат заврши и се враќа на работа во Вишото јавно обвинителство во Гостивар, на двајцата им посака успех и успешна работа.

– На мое големо задоволство, денеска сите тројца поразговаравме за тоа до каде се состојбите и работата, како и околностите во кои ова обвинителство работи. Ми беше пренесено и за плановите на колешката, нејзините планови за работа со ова обвинителство. Останува Јавното обвинителство да продолжи да работи и, генерално, оваа институција да ги преземе сите оние активности сè со цел да работиме и да докажеме дека сме во интерес на граѓаните и на тој начин да ја вратиме, односно да ја зголемиме довербата на граѓаните во нашата работа – изјави Савески.

Прашан како ја оценува работата на Абази, Савески рече за него е важно секој јавен обвинител да постапува законито и професионално и оцени дека Абази задоволително ја извршувал својата функција.

– Апсолутно сметам дека раководењето од страна на досегашниот јавен обвинител ги задоволувало професионалните стандарди. Во неговото постапување не е забележано прекршување на законските норми. Исто така, јавните обвинители во ова обвинителство никогаш не се пожалиле на влијание или притисок од страна на јавниот обвинител, барем во периодот додека јас сум на оваа позиција – изјави Савески.

Прашан како го оценува својот мандат, досегашниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, оцени дека работеле професионално, непристрасно и без надворешни влијанија и дека зад себе остава добро организиран тим.

– Сметам дека сме работеле професионално, законито и објективно. Непристрасно и без надворешни влијанија. Зад себе оставам добар тим на стручни и обучени јавни обвинители, кои може да одговорат на предизвиците и надлежностите на ова обвинителство. Исто така, оставам добро организиран и функционален истражен тим. Очекувам дека и во иднина јавните обвинители, со новата раководителка, ќе имаат услови за непречено извршување на својата работа – изјави Абази.

Во однос на некои од истрагите што не се завршени онака како што очекуваше јавноста, како што е предметот со мазутот, Абази рече дека за секој предмет јавниот обвинител носи соодветна одлука, а оштетените, секако, имаат право на жалба.

– Доколку Основното јавно обвинителство пропуштило нешто, повисокото јавно обвинителство може да даде насоки и да го задолжи Основното јавно обвинителство да ја продолжи постапката во согласност со дадените насоки. По прибавувањето на сите докази и преземањето на сите дејства што се побарани во одлуката на повисокото јавно обвинителство, повторно ќе се постапува и ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука – појасни Абази.

Искра Хаџи Василева беше избрана за раководителка на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври годинава кога освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. За функцијата конкурираа и јавните обвинители Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ и Јован Цветановски.

Изборот на нов раководител на ОЈО ГОКК беше спроведен поради истекувањето на мандатот на досегашниот раководител Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година.

Хаџи Василева е втор шеф на ОЈО ГОКК што се избира на непосредни избори со тајно гласање од сите јавни обвинители во земјата.

Можете да прочитате

Шумската полиција се засилува: Доделени уверенија на 81 полицаец и еден заменик-командир

Оперативните искуства од истрагите на Царина и останатите органи за спроведување на законот основа за SOCTA 2027

Клековски: Преживувањето на предвреме родените деца е решено подобро од европскиот просек — сега редот е на превенцијата и на грижата по болницата