Утрински Весник
Македонија

Лутите ривали најдоа заеднички јазик, ДУИ ќе ги поддржи законските измени за реорганизација на Владата

Img 8895.jpeg

ВМРО-ДПМНЕ најде неочекуван сојузник во плановите за реорганизација на Владата. Во ДУИ.

Во еден неочекуван расплет лутите предизборни ривали најдоа заеднички јазик. ВМРО-ДПМНЕ и „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ вечерва нашле заеднички јазик албанската опозиција да ги поддржи законските измени за реорганизација на Владата.

ДУИ така најде начин да му пристапи на ВМРО-ДПМНЕ и да ги возобноват старите контакти. За оваа поддршка од ВМРО-ДПМНЕ се обврзале во „догледно време“ да се формира ад-хок комисија за следење на правичната застапеност на етничките заедници во државната управа.

Тоа го објави ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение. Претходно ВМРО-ДПМНЕ имало консултации со партнерите во новата влада, „Вреди“ и ЗНАМ.

Во соопштението се вели:

„Претставници на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Европскиот фронт’ одржаа средба.

На средбата беа присутни Александар Николоски, Владо Мисајловски, Никола Мицевски и Стефан Андоновски, а од коалицијата ‘Европски фронт’ беа присутни Мендух Тачи, Блерим Беџети, Фатон Ахмети, Елми Азири.

На средбата се разговараше за предложените измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа при што од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа образложени измените на законот којшто треба да донесе поголема ефикасност, транспарентност и реформи, како и рационализација.

Законот е работен со поддршка на меѓународните партнери на државата и е дел од ИПА програмата на Европската унија.

Претставниците на коалицијата ‘Европски фронт’ изразија поддршка за измените на законот и информираа дека ќе гласаат за усвојување на законот.

Во рамки на средбата се разговараше и за меѓусебниот дијалог помеѓу власта и опозицијата при што беше прифатено барањето на ‘Европскиот фронт’ во догледно време Собранието да формира ад хок комисија со претседател предлог на опозицијата, којашто ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа и за својата работа два пати годишно ќе го информира Собранието“.

Можете да прочитате

И амбасадорот во Романија, Жерновски, повикан на консултации во МНР

На Табановце за влез во државата се чека околу еден час

Полицијата веднаш го пронајде – Виктор е најден во Кирамидница