
Пишува: Проф. д-р Иван Анастасовски
Локалната економија не е само прашање на бројки, статистики и буџетски извештаи, таа е прашање на достоинство, сигурност и иднина на локалното население. Подигање и одржување на локалнта екомонија ја прави разликата помеѓу млад човек кој останува во својот град и млад човек кој заминува во потрага по подобар живот,тоа е разликата меѓу семејство кое живее од сопствениот труд и семејство кое секој месец стравува дали ќе ги покрие основните трошоци.
Затоа, кога зборуваме а треба што повеќе да зборуваме за локалната економија, тоа не значи дека зборуваме за некаква споредна тема на општинската политика. Зборуваме за суштината на локалното управување и локланото достоинство на секоја жител во одредена општина.
Во принцип општината не смее да биде само административен сервис, напротив таа мора да биде двигател на локалниот економски развој. Во секој град (општина) постојат луѓе кои имаат идеи, знаење, работна етика и желба да инвестираат. Исто така, постојат мали и средни претпријатија кои се борат да опстанат, занаетчии кои ја одржуваат локалната економија, угостители кои создаваат работни места, земјоделци кои произведуваат вредност и млади луѓе кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Но прашањето е: дали локалната власт им создава услови да успеат или ги остава сами да се борат со бирократијата, високите трошоци и неизвесноста и дали локлната власт е во функција на сите нив?
Не може да зборуваме за локален економски развој ако младите луѓе кои живеет во една општина немаат перспектива во истата. Не може да зборуваме за просперитет ако локалните бизниси се соочуваат со административни пречки, а општинските институции се однесуваат како да им прават услуга кога им издаваат дозвола. Не може да зборуваме за развој ако јавните инвестиции не создаваат нови работни места, ако инфраструктурата не ги поврзува економските потенцијали и ако локалната власт нема јасна стратегија за привлекување инвестиции. Според мене локалните валсти треба да се натправрауваат помеќу себе кој ќе привлече повеќе инвеститори во својата општина преку силна професионална локална услуга.
Исто така морам да напоменам дека локалната економија не се развива со свечени отворања, туку со создавање услови во кои бизнисите можат да растат. Потребна е општинска политика која ќе ги препознае потребите на стопанството, ќе ја поедностави административната постапка, ќе инвестира во инфраструктура, ќе ја поддржи претприемачката иницијатива и ќе создаде партнерство со приватниот сектор. Потребна е и сериозна стратегија за задржување на младите преку отворање на нови работни места, а не со празни пораки дека тие се иднината, туку со конкретни можности за вработување, професионален развој и отворање сопствени бизниси. Жителите на една општина а псоебно младите не бараат само убави улици и средени плоштади, тие бараат причина да останат во општината да создаваат.
И тука доаѓаме до најголемиот проблем: предолго локалната политика се сведува на видливи проекти, а премалку на економски резултати. Се бројат асфалтирани улици, реконструирани фасади и поставени клупи, но ретко се поставува прашањето колку нови работни места се создадени, колку нови инвестиции се реализирани и колку млади луѓе добиле можност да ја градат својата иднина дома. Факт е тоа дека , локлната инфраструктурата е важна и тоа многу, но таа мора да биде во функција на локален економски развој, а не сама на себе цел.
Локалната власт треба да се оценува според тоа дали успеала да создаде подобра деловна клима, да привлече инвестиции, да ја зголеми економската активност и да го подобри животниот стандард на граѓаните. И тука нема место за партиски изговори, локалната економија не смее да биде заложник на политичките пресметки, ниту развојот на градот да зависи од тоа кој е на власт, а кој во опозиција. Логиката вели дека кога локланата економија стагнира, губат сите, но кога се отвораат нови работни места и се развива локалната економија, добиваат сите односно целата заедница.
Затоа, на локалните власти им е потребна храброст да размислуваат надвор од изборниот циклус, да создаваат долгорочни економски политики, да соработуваат со бизнис-заедницата и да ги мерат резултатите според реалниот живот на граѓаните. Бидејќи на крајот, граѓаните не живеат од политички прес-конференции. Тие живеат од својата работа, од платата што ја заработуваат и од можностите што им ги нуди средината во која живеат.
Градот не е успешен затоа што има власт. Градот е успешен кога неговите граѓани имаат можност да успеат. Локалната економија мора да стане прв приоритет на локалната политика. Не утре, не пред следните избори, туку денес, зашто секој изгубен ден без економска перспектива е уште еден ден во кој некој млад човек размислува да си замине, некој мал бизнис размислува да се затвори, а некое семејство се прашува дали иднината на неговите деца е во сопствениот град.
Локалната економија не бара чуда. Бара визија, одговорност и работа. А тоа е најмалку што граѓаните имаат право да го очекуваат. И токму затоа, најважното прашање за секоја локална власт не е колку долго ќе остане на функција, туку што ќе остави зад себе.



