Утрински Весник
Македонија

Левица: Куклица е тест за капацитетот на државата

Levicza 2.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Еден од најпознатите природни феномени во Македонија, локалитетот Куклица или „Камените кукли”, кај Кратово, повторно е во центарот на вниманието, откако граѓани објавија сведоштва за незаконска наплата за влез во локалитетот. Овој локалитет, заштитен како природна реткост и препознатлив симбол на македонското природно наследство со години е оставен на милост и немилост на самоволие, узурпација и институционална негрижа. 

За локалитетот и претходно има поднесени кривични пријави и реакции од граѓани, но нелегалната наплата за влез продолжува непречено. Доколку е точно дека дури ниту полицијата не успева да стави крај на ваквата практика, тогаш проблемот одамна престанал да биде локален инцидент и прераснал во симбол на нефункционалноста на државата. 

Куклица не е обичен туристички локалитет, туку редок геолошки феномен со над 120 природно формирани камени столбови, место кое со децении се промовира како една од најпрепознатливите природни знаменитости на Македонија и кое претставува дел од нашиот национален идентитет и туристичка понуда. 

Прашање е како е можно државата да не може да воспостави ред на сопственото заштитено подрачје. Ако за еден локалитет од вакво значење институциите со години не можат да обезбедат законитост (а не е единствениот), тогаш каква порака испраќаме за заштитата на културното и природното наследство воопшто?

Особено загрижува фактот што често слушаме големи зборови за заштита на наследството, туризмот и промоцијата на природните богатства, но кога ќе дојде моментот да се заштити едно конкретно место, институциите остануваат неми. Наместо државата да биде гарант на јавниот интерес, впечатокот е дека се повлекува пред поединци кои со години воспоставуваат сопствени правила.

Куклица е тест за капацитетот на државата да го заштити она што самата го прогласила за вредност од јавен интерес. А кога еден од најпознатите природни феномени во Македонија станува пример за институционална немоќ, штетата е врз угледот на целата држава.


Можете да прочитате

Апелација потврди една година затвор за Стевчо Јакимовски

Женско тело во распаѓање најдено во село Орман, скопско

Јавна расправа во Собранието за Предлог-законот за парнична постапка