
Соопштение на Левица:
Не е случајно што ДПМНЕ ја прогласи дијаспората за своја единствена црвена линија кога и нивните дебело платени анкети (платени од јавни пари) кои ги користи како доказ за сопствената непобедливост бележат пад на нивната поддршка. Наместо да се соочи со незадоволството што расте дома, Мицкоски политичкиот спас очигледно почна да го бара надвор од државата.
Впрочем, тоа што денес го покажуваат дури и нивните анкети не е изненадување. ДПМНЕ стана првата власт што за само една година успеа да изгуби повеќе од 100.000 избирачи. Таков политички пад се случува кога граѓаните ќе почнат да ја испорачуваат сметката за ароганцијата, неисполнетите ветувања и неспособното владеење. Наместо да ја прочитаат пораката што им ја испраќаат граѓаните, тие тргнаа со засилена ароганција да бараат нови политички патерици.
Но, кога веќе трошат јавни пари на анкети, нека почнат конечно да поставуваат прашања што им користат на граѓаните, а не само за билдање на ароганцијата на ДПМНЕ. На пример, нека постават прашање:
Дали го поддржуваат сегашниот изборен модел, во кој илјадници гласови остануваат без претставеност, а вредноста на гласот зависи од тоа во која изборна единица живее избирачот. Нека ги прашаат дали се за една изборна единица, со еднаква вредност на секој глас и поправедна распределба на мандатите.
Не е тешко да се препознае зошто ДПМНЕ толку упорно и со различни маневри бега од една изборна единица. Сегашниот модел е систем што со децении ги наградува најголемите партии, создава илјадници изгубени гласови и овозможува политичката моќ да биде поголема од реалната поддршка што ја имаат кај граѓаните.
Анализата на резултатите од парламентарните избори покажа дека доколку Македонија беше една изборна единица, ДПМНЕ немаше да има 58, туку 56пратеници, додека Левица наместо 6 ќе имаше 8 пратеници. Тоа најдобро покажува дека сегашниот модел е механизам што им носи дополнителна политичка моќ на најголемите партии на сметка на еднаквата вредност на секој глас.
На крајот, не е проблемот што ДПМНЕ паѓа и на анкетите. Тоа е природна последица на лошото владеење. Проблемот е што наместо да ја врати довербата со резултати, се обидува да ги менува околностите во кои ќе се одвива изборната трка. Тоа е рефлекс на власт која првпат сфаќа дека поддршката не е неограничен ресурс.



