Утрински Весник
Македонија

Левица: ДПМНЕ мисли дека народот е идиот – итно да се објават сите документи за 5,5 милиони евра народни пари!

Levicza 2.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Откако отпорно го криеа од јавноста секој податок околу прославата за јубилејот од независнота, Владата сега колку повеќе се обидува да ја закрпи приказната за прославата, толку повеќе од неа ѕиркаат недоследности, нелогичности и дупки што не можат да се покријат.


Рокот за доставување понуди истекол во петок, 8 мај во 12 часот, пристигнала само една понуда од околу сто страници, а веќе во вторник, 12 мај, Владата и „Авалон” пред камерите ја најавија програмата и Дејвид Гета. За неколку календарски дена, од кои два се викенд, требало да се отвори документацијата, да се провери нејзината комплетност, да се изврши суштинска евалуација, да се проценат продукциската и финансиската оправданост, да се подготви извештај, да се донесат потребните одлуки и избраниот субјект да биде подготвен за официјална владина презентација.

Постои директна контрадикција во и околу самата Комисија. Во јавниот повик јасно е наведено дека таа ја спроведува постапката, врши евалуација, изготвува извештај со предлог за избор на најповолен понудувач и оценува цел спектар критериуми, квалитет и иновативност на концептот, продукциска вредност, очекуван јавен интерес, техничка и логистичка подготвеност, финансиска оправданост и транспарентност. Денес, пак, нејзиниот претседател Николче Мицевски тврди дека Комисијата практично служела само за да утврди дали документите биле комплетни и навреме доставени… Не може тело што според официјалниот повик требало да оценува проект од пет милиони евра, откако ќе се појават незгодни прашања да се претвори во шалтер. И доколку тврдењето на Мицевски е точно, тогаш кој ја извршил суштинската евалуација предвидена со повикот, а доколку повикот е во право, тогаш зошто неговиот претседател денес ја сведува сопствената улога на шалтерски работник?

Магла врз целата постапка фрла  и улогата на Мицевски. Човекот што претседавал со Комисијата која ја разгледувала единствената понуда подоцна се појавува како автор на аранжманите во концертот со Хозе Карерас, додека Бобан Милошески јавно кажува дека со својот „пријател и долгогодишен соработник Николче Мицевски две години разговарале за тој проект”. Од друга страна, Мицевски тврди дека во моментот кога ја водел Комисијата не знаел дека подоцна ќе биде ангажиран во програмата. Се наметнува прашањето дали проектот со Карерас веќе бил содржан во понудата што ја разгледувал, кога точно започнале разговорите за негов ангажман, кога е договорен, од кого и под кои услови, како и дали пред учеството во Комисијата дал формална изјава дека не постои судир на интереси. Редоследот на настаните мора да биде докажан со документи.

Уште помалку е доволно да се повторува дека имало јавен повик, како самото постоење на оглас автоматски да произведува конкуренција. Во постапката пристигнала една понуда, а најповолен понудувач има вистинска смисла само ако јавноста може да види врз што точно е утврдена таа поволност. Затоа бараме да бидат објавени целосниот извештај на Комисијата, записниците од нејзината работа, индивидуалните оценки доколку постојат, образложението за секој критериум, одлуката за избор, датумот на известување на избраниот реализатор и целата временска линија од доставувањето на понудата до официјалната најава на Дејвид Гета. Само така ќе може да се утврди дали навистина имало евалуација или само бирократска патека до веќе подготвен исход.

Оттука, ДПМНЕ сведувајќи го народот на идиот, во држава каде сѐ доцни, издавање на најобични документи трае со денови и недели, бара да му веруваме во бирократска експресност. Петок се затвора повикот, следуваат два неработни дена, а во вторник веќе имаме избран реализатор, светска ѕвезда и владина презентација, претседателот на Комисијата ја опишува сопствената задача спротивно од она што пишува во повикот, а потоа самиот станува дел од програмата за која неговата Комисија постапувала. 
Ако сето ова било беспрекорно чисто, тогаш нема никаква причина документите да останат зад затворени врати. Но, очигледно не било, имајќи предвид дека и самото задоцнето отворање на картите беше изнудено со огромен притисок од јавноста и медиумите.

Можете да прочитате

Еден загинат и тројца повредени е епилогот од вчерашната сообраќајка кај Стража

СДСМ: Нема откуп, грозјето скапува, лозарите ги копачат насадите – власта не носи мерки

ОЈО поведе постапка за лажните возачки, се бара притвор за три лица