Утрински Весник
Економија

Левица: Дизелот ја проби стотката, ДПМНЕ го продаде контролниот пакет во ОКТА, а денес со полно ДДВ ја наплаќа кризата од џебот на граѓаните

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Од 28 февруари, кога започнаа американско-израелските напади врз Иран, кај нас цената порасна од 71 на 101,5 денари – 43% за помалку од шест месеци! Резервоар од 50 литри кој тогаш чинеше 3.550 денари, сега чини 5.075 денари, односно 1.525 денари повеќе. Светската криза го објаснува берзанскиот удар, но не ја оправдува пасивноста на Владата – Мицкоски не може секое поскапување да го прогласува за увезено, а секој денар од даноците да продолжи уредно да го наплаќа дома. 

Од 101,5 денари за литар дизел, максималната набавна цена е 66,289 денари, акцизата е 11,50 денари, а врз целата даночна основа повторно се пресметува полното ДДВ од 18%. Само ДДВ и акциза во крајната цена изнесуваат речиси 27 денари по литар! Мицкоски во март, по константни апели и јавен притисок, го намали ДДВ-то од 18% на 10% и тогаш Владата се фалеше дека со тоа симнува шест до седум денари од литар. Со денешните компоненти, истата мерка би го симнала дизелот од 101,5 на приближно 94,5–95 денари, без дополнително намалување на акцизата. Затоа Левица бара, барем ДДВ-то за дизелот веднаш повторно да се намали на 10% и мерката да важи најмалку до 31 декември, наместо Буџетот да заработува повеќе токму затоа што кризата ја кренала основицата. 

Дополнително, апсурно е молчењето околу ОКТА. Од 24 март компанијата даваше доброволен попуст од три денари на литар дизел и важеше до 18 мај. Божиновска тогаш јавно тврдеше дека, ако состојбата го бара тоа, повторно ќе разговараат со ОКТА. Во јуни попустот продолжи само за бензините, додека дизелот остана без тие три денари. Денес, кога истиот дизел стигна до 101,5 денари, Мицкоски и Божиновска треба да објаснат, ако ова не е момент за нов договор со најголемиот снабдувач, тогаш што точно чекаат?

Истовремено, РКЕ не смее својата улога да ја сведе на неделно препишување на берзанските движења во нов ценовник. Во актуелната цена има 6,898 денари за складишно работење и трговска маржа и уште еден денар транспорт, па должност е да се преиспита секоја регулирана ставка што може да го ублажи ударот.

И оваа криза има еден историски контекст кој ДПМНЕ најмалку има право да го заборави. Токму Владата на ДПМНЕ, во 1999 година, преку директни преговори, му продаде околу 54% од ОКТА за 32 милиони долари на грчкиот инвеститор од групацијата на „Хеленик Петролеум”, со ветувања за модернизација, нафтовод и инвестиции. Во јануари 2013 година рафинеријата престана да преработува нафта, а државната Енергетска стратегија констатира дека оттогаш Македонија станала 100% зависна од увоз на нафтени деривати!

Левица не се помирува со тоа граѓаните, земјоделците, превозниците и целото стопанство да бидат последната ставка што ја плаќа геополитичката криза и поданичката политика на власта, додека Владата стои со раширени раце и собира 18% ДДВ врз сè поскапа основица. Дизел од 101,5 денари не значи само поскапо возење – тој утре влегува во транспортот, храната, земјоделското производство и секоја услуга што ја плаќаат граѓаните.

Можете да прочитате

Сиљановска-Давкова и Славески: Економијата е стабилна, приоритет остануваат макроекономската и финансиската стабилност

Горивата поскапуваат од 1,5 до 3,5 денари по литар

Николоски: Правиме се што може за да им помогнеме на превозниците, склучуваме билатерални договори со земјите дел од Шенген зоната