Утрински Весник
Македонија

Левица: Целосна поддршка за протестот на земјоделците и сточарите!

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Левица дава целосна поддршка на земјоделците и сточарите кои денес, 30 септември, во 11 часот во Тополчани ќе излезат на протест за своите права, за својот труд и за опстанокот на домашното производство. Ова е глас на производителите кои со години го носат товарот на една погрешно поставена аграрна политика, во која државата има средства и инструменти кога треба да се спасува ликвидноста на помоќните, но за производителот секогаш има ново „ќе биде”. 


Состојбата во земјоделството е директен доказ дека владините приказни за „преродба” не го преживуваат контактот со реалноста. Во првиот квартал од 2026 година, откупот од индивидуалните земјоделски производители паднал за дури 46,2%, додека во август производните инпути биле 7% поскапи од истиот период лани. Пиперката во Струмица беше „договорена” по 40 денари за прва класа, за потоа на терен да се нуди за 15-20 денари, а во Пелагонија дел од родот скапува по нивите поради недостиг на откуп. Во исто време, субвенциите доцнат, производните трошоци растат, а државата наместо да воспостави систем во кој производителот има сигурен пласман и достоинствен приход, го остава сам да се пазари со откупувачот во момент кога неговиот род не може да чека.

Сточарството е уште една жртва на истата политика. Откупната цена на млекото паднала од околу 33 на 23 денари за литар, премиите и субвенциите доцнат, а кризата со сипаниците кај овците и козите од едно жариште во јануари стигна до 64 жаришта и над 10.000 угинати и усмртени животни – додека државата наместо навремена вакцинација чека донации од странство.  

На протестот ќе бидат презентирани конкретните барања на земјоделците и сточарите, а министерот Борче Серафимовски е поканет директно да ги слушне. Ако има храброст, нека излезе пред нив, нека ги погледне во очи и нека им објасни како треба да преживеат со откупни цени под производната цена, со неисплатени субвенции и со род кој им скапува по нивите или со стада што умираат од болести.

Можете да прочитате

Загаден воздух вечерва во Скопје

Протест за Сара пред СВР Охрид

(Фото) По 13 години чекање, се подготвува отворање на патот од Водно до Сончев Град