Утрински Весник
Култура

Леќата и грашокот од локалитетот Влахо во Пелагонија најстари досега датирани во Европа

Леќата и грашокот од локалитетот Влахо во Пелагонија најстари досега датирани во Европа

Центарот за истражување на предисторијата доби потврда за најстарото потекло на леќата и грашокот во Европа на локалитетот Влахо.

dobivaj vesti na viber

Имено, со археоботаничките анализи на растенијата пронајдени при ископувањето на археолошкиот локалитет во Пелагонија се детектираа остатоци од повеќе мешункасти плодови и житарици. Нивното датирање со помош на радиокарбон анализите потврди дека тие биле користени во втората половина на 7-от милениум п.н.е. што ги прави овие остатоци од Влахо најстари досега датирани леќа и грашок во Европа.

Остатоците од леќа, грашок и житарици откриени се при археолошкото истражување на локалитетот Влахо кај Живојно во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј Битола. Со примена на археоботаничките и радиокарбон анализи во Универзитетите во Базел, Белград, Севиља и Цирих се детектираа видовите и се утврди нивната старост од околу 8 300 години. Во текот на овие истражувања се посочува и на тоа дека житариците и афионот откриени на Влахо се исто така едни од најстарите во Европа, што дополнително ќе се проверува со натамошните анализи.

Археоботаничките проучувања на Влахо се изведени во релација со неолитските локалитети Врбјанска Чука и Велушка Тумба во Пелагонија, така што резултатите посочуваат на различни стопански практики меѓу овие населби. Исхраната се адаптирала на климатските разлики во регионот, така што во голема мера се конзумирал грашок, пченица, јачмен и леќа, а постојат индикации и за можна подготовка на пиво. Посевот најчесто се жнеел во пролет, додека еднозрната пченица била повеќе користена во северните делови на Пелагонија.

Резултатите од овие археоботанички истражувања се публикувани во Vegetational History and Archaeobotany, кое е едно првите десет археолошки списанија со највисок импакт фактор во светот. Тоа воедно ги потврдува научните аргументи поврзани со неолитската исхрана во Пелагонија и раното датирање на мешункастите растенија и житариците. Освен истакнатиот научен карактер на публикуваните податоци, овој труд исто така го презентира и предисториското културно наследство во Македонија во светски рамки и ја акцентира неговата битна улога во појавата на земјоделството во Европа. Археоботаничките анализи се направени од Амалиа Сабанов, Феран Антолин и Раул Сотерас, радиокарбон анализите од Ирка Хајдас, а изведени се во рамки на мултидисциплинарното истражување на неолитските тумби во Пелагонија под раководство на Гоце Наумов.

Мултидисциплинарните истражувања на Влахо, Врбјанска Чука и Велушка Тумба се одвиваат повеќе години и даваат сосема ново светло за значењето на пелагонскиот неолит во поширок европски контекст. Освен археолошките ископувања, на овие локалитети применети се и геофизичкото скенирање, геоархеолошки, археозоолошки, археоботанички, антрополошки и радиокарбон анализи, како и проучувањето на липидите, изотопите и функциите на алатките. Локалитетите се документирани со фотограметриски модели и ласерско скенирање, а исто така направени се и дигитални 3Д реконструкции на градбите и неолитските села, што овозможува нивно доследно презентирање и пред пошироката јавност. Ваквиот пристап обезбедува доследно толкување на времето и карактерот на овие неолитски тумби и нивно истражување преку најсовремените археолошки методи. Досегашните резултати се публикувани во повеќе врвни меѓународни списанија и презентирани на разни предавања и конференции во Европа и САД, што воедно ја прават Пелагонија поприсутна на светската археолошка мапа.

Линк до трудот во Vegetation History and Archaeobotany.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“