Утрински Весник
Македонија

ЛДП: Не е проблем законот за „Скопје 2028″, проблем е кога тој се претвора во алатка за „перење” пари и местење тендери

Ldp 1 750x430 1.jpg

Соопштение за јавност на ЛДП:

Либерално-демократската партија (ЛДП) смета дека новиот предлог закон за спроведување на проектот „Скопје – европска престолнина на културата за 2028″ не е проблем. Добри практики за вакви проекти постојат низ Европа. Проблемот настанува кога речиси секој закон кај нас секој се претвора во алатка за местење тендери, криење од јавноста и концентрирање на моќта во неколку партиски раце.

Додека устите им се полни со „борба против криминалот”, создаваат нови механизми за „перење” и трошење на јавните пари без никаква контрола. Тендерите ги камуфлираат, транспарентноста ја бришат, а одговорноста одамна ја избришаа и од Кривичниот законик. „Скопје 2028″ заслужува да биде европски проект, а не уште една шема за партиски профит.

Во посебна објава на социјалните мрежи, претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, пишува дека кога ќе ја тргнете одговорноста и ќе ја тргнете транспарентноста, не градите европски проект – градите систем во кој тендерите полесно се местат, а граѓаните повторно ја плаќаат сметката.

„Над 21 милион евра јавни пари, концентрирани овластувања, сопствени правила за набавки и сè тоа по скратена постапка, без јавна дебата и без антикорупциска анализа. Не е проблем што се носи закон за ‘Скопје 2028’. Проблем е што повторно се прави закон по мерка на власта, а не по мерка на јавниот интерес”, дополнува во својата објава претседателката на ЛДП, Зајкова.

Зајкова дополнува дека најцинично е што овој чин доаѓа откако го „осакатија” Кривичниот законик, ги избришаа клучните елементи на кривичното дело поврзано со злоупотребите во јавните набавки од Кривичниот законик, а денес создаваат нови законски исклучоци од редовните правила.

„Скопје заслужува титула Европска престолнина на културата, а не европска фасада за старите криминални навики”, заклучува во објавата претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

Можете да прочитате

Еден месец од исчезнувањето на Љупчо, семејството бара помош

13 возачи уапсени за „безобѕирно управување со возило“ во изминатото деноноќие

Сообраќајка во струшко, две лица тешко повредени