
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има друга, скриена цел за која не зборува јавно, а нејзините постапки целосно се разликуваат од реториката што ја пласира пред граѓаните. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвинувајќи ја власта дека свесно ја турка Македонија кон изолација и ја оддалечува од Европската Унија.
Кузеска упати директен повик до премиерот Христијан Мицкоски да престане самостојно да носи одлуки за иднината на државата и да им дозволи на граѓаните да се изјаснат за европскиот пат на Македонија.
„Бидејќи Мицкоски не кажува што понатаму, еве, нека распише референдум. Нека излезе, нека се соочи со граѓаните и нека ги праша нив дали се подготвени да ја платат цената. Граѓаните се тие кои треба да го кажат тоа. Без разлика што е премиер, тој не може сам да одлучува за судбината на сите кои живеат во Македонија“, изјави Кузеска.
Таа оцени дека најавите на власта за „чекање со децении“ пред вратите на Европската Унија се опасни и неодговорни, бидејќи последиците ќе ги чувствуваат граѓаните, а особено младите генерации.
„Ова е многу тешка работа и тежок збор. Премиерот зборува и во мое име, и во ваше име. Еве, јас лично не сум подготвена да ја платам цената за нивните политики. Јас сум мајка на две деца и не сакам ниту јас, ниту моите деца да плаќаат ваква цена“, порача Кузеска.
Според неа, ВМРО-ДПМНЕ по доаѓањето на власт целосно ги погазило ветувањата што ги давало пред граѓаните за време на изборната кампања.
„Беа жестоко против Преспанскиот договор, а сега излегуваат и велат дека токму со тој договор биле заштитени македонскиот јазик и идентитет. Ветуваа дека ќе го поништат Договорот за добрососедство со Бугарија, а гледаме дека тоа воопшто не се случува“, рече Кузеска.
Таа потсети и на ветувањата дека ВМРО-ДПМНЕ имала обезбедено поддршка од стратешките партнери, особено од САД, за подобар договор со Бугарија, оценувајќи дека тие тврдења денес се покажале како нереални.
Кузеска заклучи дека граѓаните веќе ја препознаваат, како што рече, политичката недоследност на власта и дека Македонија повторно се соочува со неизвесност на патот кон Европската Унија.


