Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Со грижа и почит кон пензионерите ја зголемивме просечната пензија за 6.400 денари

Интегрален текст од изјава за медиуми на Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ:

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска се сретна со пензионерите од Здружението на пензионери во Куманово. На средбата се разговараше за се она што Владата предводена од СДСМ го реализираше во изминатите години за пензионерите, зголемивањето на пензиите, новата методологија, финансиската помош, како и за политиките и мерките за поддршка на пензионерите планирани во новата изборна програма на партијата.

По средбата, претседателот Ковачевски даде изјава за медиумите која интегрално ја пренесуваме во целост:

“Прво сакам да се заблагодарам на здружението на пензионери, на претседателот на УО во Куманово бидејќи драго ми е што денес можев да поминам дел од денов со нив да разговарам за она што го направивме за пензионерите во изминатите 2 години и во изминатите 7 години и секако за плановите што ги имаме во изборната програма за пензионерите. 

Изминативе години имплементиравме политики кои значат повеќе за сите и значат грижа за сите граѓани поединечно, вклучително и пензионерите, и така ќе продолжиме и во иднина. 

Во мандатот на Владата која ја предводев обезбедивме раст на пензиите и финансиска поддршка на оние пензионери на кои што тоа најмногу им беше потребно во текот на овие кризни години.

Ние покажавме дека кон највозрасната категорија граѓани се однесуваме со почит, со грижа, се грижиме за нивниот квалитет на животот затоа не креиравме еднократни решенија туку креиравме системски решенија кои ќе даваат резултати на долг рок. Тоа беше и појдовната точка кога ја презедов Владата да направиме и да усогласиме методологија со сојузот на здруженија на пензионери, со партијата на пензионери и со другите чинители во делот на организирањето на пензионерите и успеавме да воведеме законска методлогија со која пензиите  се усогласуваат два пати во годината, септември и март и тоа 50% со трошоците за живот и 50% со просечната плата. На овој начин растот на пензиите нема да зависи од ничија политичка  волја или од политичките случувања во државата.

Со оваа Методологија, пензиите во една календарска година пораснаа над 20%. Во однос на 2016 година, денес просечната пензија е повисока за 6.400 денари, изнесува 20.200 денари, а за време на претходната Влада, просечната пензија изнесуваше 13.700 денари.

Минималната пензија е исто така зголемена за над 4.000 денари. Денес минималната пензија изнесува 13.000 денари, во споредба со 8.000 денари колку што изнесуваше во 2016 година. 

Пензионерите беа опфатени и со последниот 9-ти пакет антикризни мерки каде се издвоија 35 милиони евра за поддршка на 187.000 пензионери во државата. За декември и јануари веќе се исплати поддршката до 3000 денари месечно, а редовно ќе се исплаќаат и овој месец како и во наредните месеци како што е предвидено со антикризните мерки.

Со ова изградивме систем за заштита и враќање на квалитетот на животот на нашите граѓани. Така ќе продолжиме и во иднина, грижата за пензионерите е опфатена и во програмата на СДСМ за претстојните парламентарни избори.

Како партија ќе успееме да овозможиме сите пенизонери да се над прагот на сиромаштија. Можеме да најдеме решение за секој проблем, предизвик, бидејќи ги слушаме барањата на граѓаните, здруженијата, бидејќи нашата партија секогаш има отворени врати за оние со идеи и решенија како и за нови предлози кои доаѓаат од здруженијата на пензионери. 

Ова не ни е прв состанок со здруженијата на пензионери веќе пред извесно време има во со сојузот на здруженија на пензионери во Скопје, пред тоа со сојузот на синдикати на Македонија. И ќе продолжиме заедно со работниците и пензионерите да работиме за зголемување на нивното достоинство. Како што се зголемени пензиите за 50% така и кај просечната плата е зголемена за над 50%, минималната плата е зголемена 100% што само покажува дека водењето на социјалдемократски политики во држава како Северна Македонија е правилна политика во делот на платите и во делот на пензиите. 

Сакам да се заблагодарам на здружението на пензионери во Куманово кои беа одлични домаќини, за големиот број на пензионери кои што приусутвува, секако и на УО и јас сум сигурен дека ќе се видиме повторно со нив. “

Можете да прочитате

Патот кон ЕУ гарантира демократски и економски развој, за борбата против корупцијата ни треба и поддршката на САД

Маричиќ: ВМРО-ДПМНЕ и Левица се две страни на еден ист медал и не гледам никаква разлика во нивните ставови

ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди визија и сериозна програма, најавува Муцунски