Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Обвинителството да отвори постапка за надзорот на коридорите, треба да се знае што е вистина

Обвинителството не ја исклучува можноста да отвори предмет за надзорот за коридорите 8 и 10

Премиерот Димитар Ковачевски му порача на Обвинителството да отвори постапка за да се знае дали сè е законски и легално со изборот на надзорот за коридорите 8 и 10. Тој додаде дека веќе антикорупциската комисија зела документи од Владата и го испитува случајот. Ковачевски не одговори на прашањето дали е заштитник или заложник на Груби. Според него, со отворање постапка од Обвинителството и антикорупциската комисија – ќе се знае што е вистина, а што лага.

dobivaj vesti na viber

„Сите документи за надзорот му се достапни на Бирото за јавни набавки бидејќи сè е водено според законот за изградба на овие автопатски делници. Јас повикав еднаш, повикувам вторпат. Антикорупциската комисија слободно во секое време да отвори постапка, а тоа се однесува и на Јавното обвинителство. Треба да се знае што е вистина, а што шпекулација. Антикорупциската комисија веќе има и постапка, а сите документи од Владата ќе им бидат доставени. Исто така, во Јавното претпријатие за државните патишта имаше брифинг, а таму биле презентирани сите документи на маса за секој да се запознае со сите детали. Ова е најголем проект во македонската независна држава и е поголем од Социјалистичка Република Македонија“, рече Ковачевски.

Тој потенцира дека надзорот се прави врз основа на закон додавајќи дека за пет години ќе се изградат 110 километри автопат.

За вршење надзор над изградбата на коридорите 8 и 10, Владата се обврза да плати 22,3 милиона евра на конзорциумот предводен од италијанската компанија „ИРД инженеринг“, со објаснување дека надзорот ќе го вршат меѓународни експерти. Иако италијанската компанија е носител на конзорциумот, најголем дел од предвидените 22,3 милиона евра ќе бидат за домашните компании „Електра солушн“ и „Евроконсалтинг“ оти е предвидено тие да завршат најголем дел од работите. „Електра солушн“ е компанија што  произведувала долна облека, кусо време се занимавала со услуги поврзани со информатичка технологија и компјутери, а од лани како дејност пријавила други градежно-инсталатерски работи и никогаш досега не вршела надзор. Лиценцата за вршење надзор ја извадиле по распишување на огласот за коридорите во рекордно кус рок.

За другата домашна компанија, пак, „Евроконсалтинг“, опозицијата и некои од медиумите алармираа дека е сопственост на лице со криминално досие, Бранислав Димитриевиќ, уапсен во Хрватска во април 2021 година, врз основа на потерница од Интерпол. Неговиот син, Зоран Димитриевиќ, раководител во компанијата од 2021 година, го има и компанијата „Ептиса“ како лидер на тимот на француско-шпанскиот конзорциум, која исто така е дел компаниите што ќе вршат надзор за коридорите.

Владата минатата недела на 8 март го потпиша договорот и покрај предупредувањата во медиумите и острите критики од опозицијата. Првиот вицепремиер, Артан Груби, кој е дел од владиниот тим за коридорите, по потпишувањето на договорот, замоли да не се лепат етикети на избраните компании и повика секој што има какви било информации и сомневања да ги достави до Јавното обвинителство.

Спорните компании ќе вршат надзор над работата на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кои за 1,3 милијарда евра треба да изградат четири автопатски делници од коридорите 8 и 10.

Можете да прочитате

Митрески: Ги зголемуваме субвенциите за енергија на 120 илјади денари за домаќинства, ранливите потрошувачи ќе добијат поголема поддршка

Пoжари на диви депонии во Желино и Боговиње

Партиите продолжуваат со презентација на изборните програми, неполна недела до првиот круг од претседателските избори