Обезбедивме најголема помош во време на криза од 2,6 милијарди евра, никој не беше оставен сам, вели во интервју за Слободен печат претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
-Факт е дека обезбедивме најголема помош во време на криза од 2,6 милијарди евра. Никој не беше оставен сам. Со антикризните мерки најранливите и пензионерите добиваат финансиска поддршка, тоа беше случај и минатата зима и оваа, струјата ја субвенциониравме и до 90% за над 600.000 домаќинства и над 70.000 мали потрошувачи. Парното е субвенционирано исто како дел од антикризните мерки, вели Ковачевски.
Во интервјуто за Слободен печат Ковачевски зборува и за испорачаниот резултат на СДСМ во изминатите години, пред се во делот на економијата но и во однос на стратешките цели, правејќи споредба со погрешните политики на ДПМНЕ.
На македонската политичка сцена јасно се профилирани два политички блока, наведува Ковачевски. Едниот, вели Ковачевски, предводен од СДСМ, којшто иднината на земјата ја гледа интегрирана во ЕУ и ги зголемува платите и пензиите, ги враќа парите кај граѓаните и ја развива економијата да има повеќе за сите, потенцира тој.
Фактите и бројките тоа го покажуваат, дециден е Ковачевски.
– Факт е дека го реализиравме и го надминавме изборното ветување од 500 евра просечна плата. Во 2017 година просечна плата беше 360 евра, денеска ние успеавме да ја зголемиме и изнесува 630 евра. Имаме воедно и рекордна минимална плата од над 22.500 денари колку што ќе е со следното усогласување, а минималната плата во времето на владите на ВМРО-ДПМНЕ беше 8.000 денари. Значи над 130% повеќе.
Имаме и историско ниво на пензии – просечната пензија е околу 20.000 денари, минималната е 13.000 денари, зголемени за 50% во споредба со времето на ВМРО-ДПМНЕ. Факт е и дека денес имаме невработеност под 13% за разлика од 2016 кога беше над 24%. Само во една година имаме зголемена вработеност и нови 10.000 вработени во државата. Факт е дека сега имаме највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година. До 2017 година имаше нула поддржани домашни компании од државата. За 6 години, владата предводена од СДСМ со 100 милиони евра државни пари, поддржа 919 домашни компании кои со тие пари реализираа 500 милиони евра инвестиции, наведува претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервјуто за Слободен печат.