Утрински Весник
Македонија

Ковачевски најавува повнимателен пристап при селекцијата на кадрите доколку добие уште еден мандат

Picture 487 660x433 1.jpg

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, доколку добие нов мандат за премиер, најавува многу повнимателен пристап при селекцијата и именувањето на човечките ресурси кои ќе раководат со институциите. Во изјава за медиумите, Ковачевски рече дека како премиер во времето на енергетската и екномската криза поголем фокус имал на менаџирање на кризата отколку на решавање на персоналното однесување на поединците во владата.  – Дали однесувањето на сите функционери беше соодветно? Не. Имаше дел од нив кои се однесуваа несооодветно на политичките прилики и на политичкиот амбиент. Дали министрите, вклучително и на ДУИ, работеа напорно заедно со мене? Да, бидејќи работевме во услови на голема економска и енергетска криза и можам само да изразам пофални зборови за министерот Битиќи, кој е од мојата партија, за Фатмир Бесими, Крешник Бектеши, Јована, Азер Алиу кој е врвен стручњак кој ги подготви законите за реформи во јавна администрација и ги поднесе во Собранието, изјави Ковачевски. Не откривајќи дали доколку добие уште еден мандат ќе коалицира со ДУИ, Ковачевски посочи дека заедно со оваа партија донеле тешки одлуки за државата кои овозможиле земјата да стане членка на НАТО и да ги почне пристапните преговори со Европската унија.  – ДУИ беше 11 години во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и во тоа време државата заврши како заробена држава. ДУИ подоцна беше во коалиција со СДСМ и можам да кажам дека тогаш донесовме одлуки што навистина беа тешки меѓутоа одлуки кои овозможија земјата да стане земја членка на НАТО и да ги започне преговорите со ЕУ со заштитен македонски јазик, култура и идентитет, рече Ковачевски.  Додаде дека се согласува со констатацијата на американската амбасадорка во однос на корупцијата во земјава и посочи дека во изборната програма на СДСМ има 41 мерка за реформи во правосудниот систем подготвени на негово барање во соработка со Европската унија. – Како влада подготвиме Закон за санкции што беше поднесен во Собранието. Владата што мене ме наследи, техничката Влада го повлече, па потоа имаа состаноци каде што после 15 минути даваа изјави дека не го повлекле, туку го вратиле и на крај претседателот на Комисијата за надворешни работи го сокри во фиока и никогаш не го стави на гласање, посочи Ковачевски, додавајќи дека прашањето треба да се постави и до другите политички партии кои го блокирале донесувањето на законот. Ковачевски повтори дека процесот на интегрирање во ЕУ претставува единствениот процес кој може да донесе позитивни промени во делот на борбата против корупцијата и во делот на владеење на правото.  – Она што го гледам кај граѓаните е замореност од процесот на евроинтеграции. Понекогаш да бидам искрен и јас го чувствувам тој замор затоа што Македонија е земја која требала да донесе најтешки и најмногу одлуки во делот на пристапувањетто во Европската унија. Но, од друга страна постои огромен број на граѓани кои сакаат Македонија да биде дел од Европската унија. Процесот на интегрирање во ЕУ претставува единствен процес којшто може да донесе врвни позитивни промени во нашата земја, вклучително и подобро владеење на правото, подобра борба против корупцијата, рече Ковачевски.

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи