Средбата меѓу лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и експремиерот и експретседател на СДСМ Зоран Заев, од пред два дена, за актуелниот премиер Димитар Ковачевски е пријателска средба меѓу соработници. Премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, денес, по одлуката за покачување на минималната плата, како пријателска ја оправда средбата која предизвика голем интерес во јавноста.
„Тоа го коментирам како пријателска средба на луѓе кои соработувале како дел од Влада. Нормално е луѓе кои се пријатели меѓу себе да имаат средби. Исто како што јас сум имал средби кога не сум бил премиер, како што имам средби сега, додека сум премиер и како што ќе имам средби понатаму во мојата кариера“, рече премиерот Ковачевски.
Откога викендов фотографија од средбата се појави на социјалните мрежи, тргнаа лавина критики за Гаши и Алтернатива од кои најжестоките го осудуваа зошто седнува на маса со член на СДСМ откако партијата беше исфрлена од Владата.