Утрински Весник
Македонија

Гошев: Јас сум таткото на правниот систем, 90 отсто од законите за конституирање на државата се направени од мене

Img 3754.jpeg

Првиот министер за правда во независна Македонија, Туше Гошев, во специјалното „Отворено студио“ на 4ТВ зборуваше за еден од најголемите предизвици по осамостојувањето – создавањето на правниот систем и законската рамка неопходна за функционирање на новата држава.

Гошев посочи дека донесувањето на Уставот само по себе не било доволно за целосно да профункционира новиот уставен поредок. Според него, било неопходно да се подготви и усвои цел сет закони преку кои уставните одредби ќе можат практично да се применуваат, а институциите да функционираат во рамките на независната држава.

Зборувајќи за периодот кога го презел Министерството за правда, Гошев тврди дека не затекнал подготвени предлог-закони врз кои новото раководство можело веднаш да продолжи да работи.

„Од страна на ВМРО и министерот Георги Наумов немаше ниту една буква напишано, ниту еден предлог на закон да можеме да расправаме за него“, изјави Гошев во „Отворено студио“.

Тој вели дека потоа, заедно со тимот во Министерството за правда, започнале интензивна работа на законите потребни за воспоставување и функционирање на институциите на независна Македонија.

Гошев оди и чекор понатаму, тврдејќи дека лично учествувал во создавањето на огромен дел од законската рамка со која се конституирала државата.

„Јас сум таткото што го создаде и правниот систем во Република Македонија. Деведесет проценти од законите за конституирањето на државата се направени од мене“, изјави Гошев.

Како признание за својот ангажман, Гошев раскажа и за награда која, според неговите зборови, ја добил од американска асоцијација на судии и адвокати за пишување закони и придонес во унапредувањето на правниот поредок во Македонија.

Тој вели дека првично не бил информиран дека ќе ја добие наградата. Поради обврските не можел да отпатува во Вашингтон, по што, како што раскажува, американскиот амбасадор дошол во неговата канцеларија и лично му го врачил признанието.

Според Гошев, неговиот ангажман во првите години од независноста бил насочен кон една од најважните задачи за новоформираната држава – создавање правна основа преку која Уставот ќе заживее во практика, институциите ќе можат да функционираат, а Македонија ќе го изгради сопствениот правен поредок.

Можете да прочитате

Како се раѓаше денарот – Трпески: ЈНА се уште беше во Македонија

Гоцевски за деновите на осамостојувањето: ЈНА беше подготвена, а Македонија немаше своја армија

Туше Гошев открива за притисоците пред независноста: Ме удрија трипати со автомобил