Утрински Весник
Култура

Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура успеа – Скопје е избран за „Европска престолнина на културата за 2028 година“

Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура успеа – Скопје е избран за „Европска престолнина на културата за 2028 година“

Скопје ја доби титулата „Европска престолнина за културата за 2028 година“. Одлуката ја соопшти Европската комисија денеска во Брисел, по вчерашната презентација на апликациите на земјите кои беа во потесен избор за оваа престижна титула, каде што свое обраќање имаше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

dobivaj vesti na viber

Скопје ја доби довербата за организација на годината во која ќе се слават македонската и европската култура во нашиот главен град и во земјава, а беше во конкуренција со Будва, Црна Гора.

„Изборот на Скопје за престолнина на културата во Европа за 2028 година е голем успех за македонската култура. Скопје е подготвено да одговори на предизвикот. Всушност, Скопје како да се создавало низ вековите и за овој предизвик. Под европското и македонското знаме ќе ја подигнеме креативната енергија за таа да да се рашири и низ целиот континент. Има ли подобро место за тоа од Скопје?“

Сите скопјани и сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, родова, социјална, културолошка и каква било друга определба, се обединети во задоволството нивниот град, нашето Скопје, да ги отвори ширум портите и со својата култура да ја прегрне културата на Европа. Од центарот на Европа, директно во срцето на Балканот“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска по соопштувањето на одлуката.

Експертите од Европа ја препознаа искрената посветеност на Градот и на Владата на Северна Македонија, на стручните тимови, во повеќегодишниот процес на подготовка на апликацијата и заложбите на нашата држава во негувањето на европските вредности. Во тој контекст, министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, рече дека на оваа титула гледаме како на заедничка придобивка преку која со нашите национални културни вредности ја збогатуваме колоритноста на идентитетската карта на Европа и создаваме заеднички културен простор во кој сите се добредојдени.

Министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека оваа македонска победа е пример за применливоста на мотото дека културата не познава поделби.

„Иако со градоначалничката припаѓаме на две крајно различни, би рекла и спротивставени политички гледишта, погледот кон 2028 ја поттикна нашата далековидост и културата на дијалог. Зашто никој од нас не знае каде и што ќе биде за 5 години, но ќе знаеме каде сме биле денеска и дали доволно сме направиле за нашата престолнина и за нашите граѓани.

Препознавајќи ја суштината, вредноста, но и тежината на титулата Европска престолнина на културата, Владата, преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка, и финансиска и кадровска и инфраструктурна. Сите национални установи и институции на културата ќе бидат во служба на ʼСкопје 2028ʻ. Во исто време, ги повикуваме на креативна мобилизација и независната културна сцена, младите автори, иновативните луѓе од креативните индустрии, невладиниот сектор, туристичките работници, занаетчиите, локалните бизниси. Имаме потенцијал кој, убедена сум, нема да ја пропушти шансата да се покаже во своето најдобро издание. Ова е наша заедничка инвестиција во една незаборавна година, година во која Скопје ќе биде достојна и впечатлива европска престолнина на културата“, вели министерката Костадиновска-Стојчевска.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“