Утрински Весник
Македонија

Комората на приватното здравство: Барањата на матичните лекари се легитимни и реални, а системот е неодржлив

Комората на приватното здравство: Барањата на матичните лекари се легитимни и реални, а системот е неодржлив

Комората на приватното здравство при Сојузот на стопанските комори на Македонија истакнува поддршка на протестот на матичните лекари и на Здружението на приватните лекари како релевантни претставници што ги обединуваат и артикулираат ставовите и интересите на најголем број од лекарите и здравствените установи во примарната здравствена дејност.

dobivaj vesti na viber

Од Комората велат дека барањата на матичните лекари се легитимни и реални, а системот е неодржлив, за што доказ се големиот број проблеми што се јавуваат.

„Приоритет во работата на секој лекар е грижата за пациентите, но за таа да може да се одржи на квалитетно ниво, потребни се соодветни услови. Комората на приватното здравство, која обединува повеќе сегменти на приватни здравствени установи, дава целосна поддршка на протестот на матичните лекари и уште од јануари апелира на дијалог“, истакнува д-р Тања Дејаноска, претседателка на Комората на приватното здравство.

Преку својот претставник во Управниот одбор барањето за зголемување на капитацискиот бод за матичните лекари и за матичните стоматолози Комората на приватнот здравство го постави на дневен ред на Управниот одбор во ФЗОМ уште на 27 јануари годинава.

„Барањето го аргументиравме со соодветни пресметки, кои покажуваат реален пораст на трошоците на здравствените установи од примарната здравствена дејност, што доведува и до пораст на цената на услугата што тие ја даваат. Оттогаш до денес нема промени. Во меѓувреме, годинава имаше ново зголемување на платите на вработените во ФЗО, како и на вработените во јавните здравствени установи, исто како и изминатите години, со што е очигледна дискриминаторската политика на ФЗО кон приватните здравствени установи. За јавните здравствени установи исто така во континуитет се обезбедуваат средства за сервисирање на долговите што ги генерираат и им се зголемуваат буџетите, а за матичните лекарите, кои се дел од истиот систем, нема никаква поддршка“, истакна претседателката на Комората на приватното здравство.

Таа потенцира и дека капитацискиот бод не може и не смее да биде политичка одлука, туку тој мора да се пресмета според посебна методологија, која ќе ги пресмета сите трошоците и ќе даде реална цена на услугата.

„Секој друг пристап е неодржлив и предизвикува постојано деградирање и уништување на здравствениот систем. Новата сериозна закана што доаѓа поради енергетската криза, дефинитивно, ќе удри најсилно во ординациите на лекарите, особено во руралните средини и во помалите места и тие ќе бидат принудени да ги затворат нивните ординации. Лекарите ќе останат без работа, а пациентите во тие места ќе останат без лекари. Ќе се создаде вистински хаос“, истакнува д-р Дејаноска.

Комората на приватното здравство очекуваше дека министерот за здравство, Беким Сали, со поголема енергија ќе се посвети на подобрување на состојбите во примарната здравствена заштита.

„Очекувавме поголема ангажираност и разбирање за проблемите на матичните лекари од министерот Сали бидејќи доаѓа од примарното здравство. За жал, не само што не се постигна дијалог туку не се реши ниту еден проблем. Исто така, истакнуваме дека не сите проблеми со кои се соочуваат приватните здравствени установи се со финансиски импликации, за некои треба само добра волја за да се решат, но според тоа како се одвиваат работите, и тоа недостига“, истакнува Дејаноска потенцирајќи дека во наредниот период ќе се преземат и правни мерки против дискриминација на приватните здравствени установи.

Можете да прочитате

Филипче за одбиениот закон за Кочани: Ова не беше момент за политички инает, туку за одговорност и зрелост

Спасовски: Законот за Кочани беше можност да покажеме единство, солидарност и промена на системот

Повредените од Кочани не биле заштитени – студенти ги тужат Вучиќ и Павловиќ