Утрински Весник
Македонија

„Кога луѓето не се спротивставуваат на неправедните системи, стануваат активни соучесници“, посочи Пендаровски на одебележувањето на Холокаустот

„Кога луѓето не се спротивставуваат на неправедните системи, стануваат активни соучесници“, посочи Пендаровски на одебележувањето на Холокаустот

Претседателот Стево Пендаровски, на одбележувањето 80 години од холокаустот на македонските Евреи, испрати порака до јавноста. Тој меѓудругото рече: „Кога луѓето не се спротивставуваат на неправедните системи, стануваат или активни соучесници или пасивни набљудувачи“. Потсети и дека од Македонија, 7.144 мажи и жени, деца и старци, во три конвои биле спроведени до железничката станица, натоварени на сточни вагони и депортирани во логорот на смртта Треблинка.

dobivaj vesti na viber

„Како беше возможно да се осмисли и спроведе ова радикално зло, и тоа во ерата на разумот, во научно и технолошки најразвиениот континент на светот, меѓу најобразованата генерација дотогаш? Антисемитизмот, што со векови тлееше во Европа, најде своја легитимација во неколку светогледи кои се преклопија. Нихилизмот го релативизираше вроденото достоинство и вредноста на човекот. Социјал-дарвинизмот, нацизмот и фашизмот, ги делеа народите на супериорни и инфериорни и ја всадуваа идеологијата на презир кон слабите и ранливите. Беше создаден морален вакуум во кој категоријата на злото ги потисна категориите на доброто и хуманото. Сето ова резултираше со Холокаустот како индустријализиран геноцид со масовни депортации, фабрики на смртта, гасни комори и крематориуми“, посочи Пендаровски.

Тој додаде дека меѓу шесте милиони Евреи кои настрадаа беа и нашите сонародници. Потоа говореше за сите етапи на холокаустот.

„Првиот чекор бил дискриминација. Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови. Вториот чекор бил изолација. По наредба на Комесаријатот за еврејски прашања Евреите морале во јавност да ја носат жолтата давидова ѕвезда. На тој начин, вековниот симбол на еврејскиот идентитет беше злоупотребен за да ги стигматизира Евреите како различни, туѓи и опасни. Третиот чекор бил дехуманизација. Речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип, од скопскиот Монопол биле депортирани во Треблинка каде што во гасни комори згаснаа животите на близу еден милион лица, меѓу нив и на македонските Евреи кои претставувале 98% од севкупната македонска еврејска популација, и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна. Никаде во Европа, морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија. Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?“, рече Пендаровски.

Зборуваше и за траумите низ кои поминале и преживеаните Евреи.

„Кога луѓето не се спротивставуваат на неправедните системи, стануваат или активни соучесници или пасивни набљудувачи. Но, и во услови на тешки времиња и окупација, имаме бројни примери на храбри поединци кои, ризикувајќи ги сопствените животи, одлучиле да спасат Евреи. Јад Вашем ги призна како праведници меѓу народите: Стојан-Богоја Силјановски, Тодор и Пандора Хаџи-Миткови, Трајко и Драгица Рибареви, д-р Смилјан Чекада, Борис и Васка Алтипармак, Александар и Блага Тодорови. Голем дел од преживеаните Евреи се вклучија во народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ. Еден од нив е и штипјанецот Исак Сион кој беше учесник и на државотворното заседание на АСНОМ. На денот на ослободувањето на Штип, тој бил единствениот кој не се радувал, затоа што во разурнатото Еврејско маало, синагогата била уништена, а сите куќи на неговите блиски и познати биле празни, без луѓе. Низ слични трауми минаа речиси сите преживеани Евреи. Некои од нив заминаа во Израел и станаа мост на поврзување меѓу нашите две пријателски држави. Оние кои останаа, ја обновија Еврејската заедница и активно се вклучија во изградбата на македонската држава“, кажа тој.

Можете да прочитате

Приведено и трето лице за убиството на докоторот пред поликлиниката во Железара

Тројца полициски службеници за несовесно работење во службата заработија кривични пријави 

Кривична пријава заработи лице кое заградило државно замјиште кај Бит Пазар и си наплаќал „арач“